Техничкиот премиер Оливер Спасовски, лидерот на СДСМ Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден испратија честитка до православните верници.
– Годинава, како никогаш досега, Велигден го очекуваме затечени со сериозна опасност која надвиснала над светот и нашите глави. Исправени пред ваквиот сериозен предизвик, мораме заеднички да делуваме мудро, за на крајот да излеземе како вистински победници. И Исус Христос би го побарал тоа од нас. Ако тој со смртта, смртта ја победил и сторил триумф на животот, можеме и ние – неговите чеда, во наша и негова чест да се заштитиме од злото што не демне – порача Заев.
Спасовски во видео-честитката по повод празникот Христово воскресение – Велигден, истакнува дека оваа година еден од најсветлите празници ги минуваме во изолација како подвиг на секој од нас пред искушенијата, кои на светско ниво ги донесе оваа пандемијата и здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19.
„Велигден е празник, кој го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови и со кој ја славиме победата над смртта. Неретко се поставувало прашањето „Зошто Синот Божји дозволил да биде погубен и распнат?“. Но, токму воскресението и победата над смртта е Христовиот одговор на ова прашање како потврда за љубовта кон човекот. Затоа од нас годинава се очекува да ја совладаме нашата себичност, да понесеме саможртва за доброто на сите и овие денови да ги славиме во кругот на домот за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да победи животот и да преминеме во нова иднина“, истакнува во честитката премиерот Спасовски.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев до припадници на Министерството за внатрешни работи и до сите граѓани упати видео-порака по повод најголемиот христијански празник Велигден.
– На сите наши граѓани од христијанска вероисповед им го честитам големиот празник на Христовото воскресение, со една единствена желба: сите ние независно на верската или друга определба да бидеме мудри и разумни, сочувствителни и кооперативни, истрајувајќи и победувајќи го премрежието со кое што човештвото се соочува денес. Покрај сите други успеси и вечната потрага по совршенство, подеми и падови, на крајот на денот се се сведува на првата и последна, една и единствена вредност, која човекот може да ја постигне, а тоа е да има љубов, блискост, да има семејство. Во оваа прилика уште еднаш упатувам порака, денешниот ден празнувајте го во кругот на семејството и останете дома. Честит Велигден. Христос воскресна.Навистина воскресна – е велигденската порака на Чулев.