ПОЛИЦИЈАТА ЗА 3 ДЕНА ИЗРЕЧЕ НАД 2.000 КАЗНИ Најмногу санкции за паркирање, брзо возење и возење без дозвола
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, порачуваат од Министерството.
Во периодот од последните три дена, полициските службеници спровеле засилени сообраќајни контроли низ целата држава, при што се изречени вкупно 2018 платни налози за различни прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Најголем дел од казните се однесуваат на непрописно паркирање (600 прекршоци), возење со брзина поголема од дозволената (256 прекршоци), како и возење без возачка дозвола (204 прекршоци).
„Покрај овие, санкционирани се и 117 лица за користење мобилен телефон при управување возило, како и 117 возачи кои не користеле сигурносен појас. Дополнително, 119 возачи на мотоцикли се казнети поради неносење заштитна кацига“, стои во соопштението на МВР.
Меѓу останатите прекршоци, регистрирани се и девет возачи кои поминале на црвено светло, како и 26 случаи на управување возило под дејство на алкохол. Казнети биле и 25 пешаци.
Во рамки на контролите, според Законот за возила, 67 возила биле исклучени од сообраќај, од кои 24 биле технички неисправни, а 43 нерегистрирани.
Од МВР велат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредните денови, со цел унапредување на безбедноста на патиштата.
„Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, порачуваат од Министерството.