ПОЛИЦИЈАТА ОДЗЕМА ПРОСЕЧНО ПО 5 АВТОМОБИЛИ ДНЕВНО За враќање на возилата треба да се чека одлука на судот
Одземените возила се чуваат на паркинзите на полициските станици, а понатаму ќе се чуваат на места и на локации коишто ќе бидат одредени од Обвинителството, велат од полицијата и додаваат дека ако настанат штети на возилата додека тие се одзземени, надлежните ќе ја покријат.
Од 1 до 18 февруари полицијата одзела вкупно 96 автомобили од возачи што возеле без возачка дозвола или имале забрани за возење, како и од возачи што безобѕирно управувале со возилата, односно возеле пребрзо или биле пијани зад воланот. Просечно тоа се по 5 одземени автомобили дневно.
Мерката одземање на возилото се применува од 1 февруари, согласно последните измени на Кривичниот законик.
Дали и кога возилото ќе се врати на сопственикот?
На социјалните мрежи се отворија прашања дали одземањето на возилата е трајно или привремено и која е постапката за да им бидат вратени на сопствениците. Граѓаните се прашуваат колку долго ќе трае постапката за враќање на возилата и дали во Обвинителството ќе им се даде приоритет на овие предмети, со оглед дека судовите за да донесат одлука, прво треба да добијат обвиненија за сторителите на кривичните дела во сообраќајот.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека полициските службеници го одземаат возилото по насоки на јавен обвинител, а натамошната постапка е во надлежност на Јавното обвинителството и на судовите.
– Возилата се одземаат согласно членовите 297, 297-а и 300-б од Кривичниот законик. Во периодот од 01 до 18.02.2026 на територија на целата држава по насоки на јавен обвинител се одземени вкупно 96 возила. На сопственикот на возилото му се издава потврда за привремено одземени предмети – велат од МВР за Плусинфо.
Полицијата врши привремено одземање и во други случаи
Трајното одземање се врши согласно член 300-б од Кривичниот законик и тоа е во надлежност на Јавното обвинителство и на судовите, додаваат оттаму.
Од полицијата велат дека вршат и привремено одземање на возилата, согласно член 344 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата и тие основи се поинакви отколку кога се одземаат согласно Кривичниот законик.
– Привремено одземање се врши кога не е продолжен рокот на важност на сообраќајната дозвола и кога е утврдена техничка неисправност на возилото. Полициски службеник може привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од 3 работни дена. Доколку се утврди техничка неисправност што предизвикува голема бучава или кога сообраќајната дозвола е со изминат рок од 6 или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена – велат од МВР.
Ако одземеното возило биде оштетено, надлежните ќе ја покријат штетата
Во моментов, додаваат од МВР, одземените возила се чуваат на паркинзите на полициските станици, а понатаму ќе се чуваат на места и на локации коишто ќе бидат одредени од Обвинителството.
На прашањето дали полицијата ја гарантира заштитата на одземените возила, како на пример од кражби, временски непогоди и други случаи во кои може да настане нивно оштетување, од полицијата одговорија дека доколку се утврди дека оштетувањето настанало при транспортот или при чувањето на автомобилите во депото, надлежните ја покриваат штетата.
– При одземање се изготвува фото-документација за состојбата на возилото. Сопственикот се повикува со писмена покана, а возилото му се враќа со издавање потврда за вратени предмети. Преземањето се врши со шлеп-служба – додаваат од МВР.
Оттаму не одговорија на прашањето дали сопственикот на одземено возило откако ќе добие право да си го земе назад, ќе треба да плати лежарина за онолку денови колку што возилото било одземено и колку пари изнесува лежарината.
Обвинителството гони за кривичното дело
Од Јавното обвинителство објаснуваат дека врз основа на одредбите од член 300-б од Кривичниот законик, предвидено е одземање на моторно возило како предмет со кој е извршено кривичното дело, а условите за одземање се наведени во членот 100-а од Кривичниот законик.
– Членот 300-б предвидува задолжително одземање на моторно возило или можност за одземање на возилото во зависност од условите под кои е сторено делото. Привременото одземање на предметите со кои е извршено кривично дело додека трае постапката може да се изврши врз основа на наредба на јавен обвинител, но и од страна на правосудната полиција. По спроведената постапка, Судот во одлуката која ќе ја донесе одлучува и по однос на одземените предмети – велат од Обвинителството.
За враќање на возилото ќе одлучуваат судовите
Од Кривичниот суд Скопје најавија дека во наредните денови ќе дадат статистика за тоа дали веќе почнале да ги процесираат кривичните дела во кои како мерка им се одземени автомобили на граѓаните, односно, дали веќе кај нив пристигнале некои обвиненија од Јавното обвинителство.
– Со оглед на фактот дека предметите поврзани со новиот безбедносен систем за сообраќајни прекршоци во судот почнаа да се процесуираат неодамна и се во фаза на процесирање, во текот на следната недела ќе излеземе со официјална статистика – одговорија од Кривичниот суд на прашањата на Плусинфо.
Што предвидува Кривичниот законик?
Основите за одземање на возилото се членот 297 од Кривичниот законик, кој се однесува на кривичното дело Загрозување на безбедноста во сообраќајот, членот 297-а за делото Безобѕирно управување со моторно возило, како и новиот член 300-б. Членот 300, пак, е за кривичното дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Членот 300-б предвидува дека под условите определени со членот 100-а, од сторителот ќе се одземе возилото со кое се сторени делата: Загрозување на безбедноста во сообраќајот, Безобѕирно управување со моторно возило и Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Доколку возилото е во сопственост на трето лице, ќе се одземе само доколку тоа лице знаело или било должно да знае дека сторителот немал право да управува со моторно возило.
„Под условите определени со членот 100-а, од сторителот може да се одземе возилото доколку возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 километри на час во населено место или за најмалку 90 километри на час надвор од населено место“, се вели во измените на Кривичниот законик.
Членот 100-а, пак, ги одредува услови за одземање на предмети и во став 2 тој гласи: Од сторителот на кривичното дело ќе се одземат предметите што биле наменети или се употребени за извршување на кривичното дело без оглед дали се негова сопственост или сопственост на трето лице, ако тоа го бараат интересите на општата безбедност, здравјето на луѓето или причините на моралот. Став 3 предвидува дека предметите што се употребени или биле наменети за извршување на кривичното дело може да се одземат ако постои опасност повторно да бидат употребени за извршување на кривично дело.
За безобѕирно возење следува и затвор
Безобѕирното возење (член 297-а) е утврдено како кривично дело во измените на КЗ во 2024 година и гласи: Учесник во јавниот сообраќај кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај безобѕирно управувајќи со моторно возило со концентрација на алкохол над 1,5 г/кг во крвта, со употреба на дроги, психотропни супстанции или прекурсори, возејќи во спротивна насока на јавен пат на кој коловозните ленти се физички одвоени една од друга или на автопат, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 50 км/ч во населено место или за најмалку 70 км/ч надвор од населено место, ќе се казни со затвор од 3 месеци до 3 години и со парична казна.
Став 2 предвидува дека со истата казна ќе се казни и учесник во јавниот сообраќај кој управува моторно возило без положен возачки испит, без важечка возачка дозвола или доколку му е изречена санкција забрана на управување со моторно возило која е сè уште важечка или санкција престанок на важење на возачката дозвола.