ПОЛИЦИЈА ТИ ПРОВЕРУВА РАНЕЦ, ДАЛИ Е ТОА ПРЕГЛЕД ИЛИ ПРЕТРЕС? Едното е законско, другото не, како да ги разликуваш?
Во секојдневни ситуации, граѓаните ретко прават разлика дали полицијата врши преглед или претрес. А токму таа разлика е клучна, бидејќи ја одредува границата до каде може да оди државата. По реакциите за полициските контроли во училиштата, од МВР велат дека вршела прегледи, а не за претреси.
„Ве известуваме дека станува збор за извршување на преглед и до овој момент во СВР Скопје нема пријави за поплаки поврзани со овие активности на полициските службеници“.
Вака од Министерство за внатрешни работи одговорија на прашањата на Плусинфо, откако во јавноста се отвори дилема дали полициските контроли во средните училишта во Скопје се спроведувале во рамки на законските овластувања.
Реакциите следуваа по информациите дека полицајци на влезовите на дел од средните училишта проверувале ранци на ученици, барајќи наркотични средства. Дел од јавноста тврдеше дека станува збор за претрес – постапка за која, според закон, е потребен судски налог.
Од МВР, пак, тврдат дека не станува збор за претрес, туку за преглед – односно површна контрола.
Контролите, според информациите, се вршат на влезовите на повеќе средни училишта во главниот град, при што од учениците се бара да ги отворат ранците, а полицијата визуелно проверува што носат со себе.
Но, ваквиот пристап предизвика реакции кај дел од родителите. Тие сметаат дека наместо масовни проверки на ученици, институциите треба да се фокусираат на откривање на изворите на дрога. Дел од нив посочуваат дека учениците биле вознемирени, а пристапот на одредени полицајци го оценуваат како непријатен.
Преглед или претрес?
Кога полицијата „само проверува“, а кога навлегува во приватноста?
Во секојдневни ситуации, граѓаните ретко прават разлика – дали полицијата врши преглед или претрес. А токму таа разлика е клучна, бидејќи ја одредува границата до каде може да оди државата.
Прегледот е поблага мерка. Тој значи површна проверка, полицаец може да побара да види што носите со себе или визуелно да провери нешто што е веќе достапно. Без отворање затворени простори и без длабинско пребарување. Се користи како рутинска контрола, особено на јавни места.
Претресот, од друга страна, значи длабинско пребарување. Отворање торби, куфери, возила или барање скриени предмети. Со други зборови, полицијата активно бара докази или забранети предмети. Затоа, оваа мерка по правило бара судска наредба, освен во итни ситуации кога постои ризик доказите да исчезнат или да се загрози безбедноста.
Клучната разлика е едноставна: прегледот е површен увид, претресот е длабоко навлегување. Но во пракса, границата може да биде тенка – особено ако прегледот „прерасне“ во претрес. Токму затоа законите предвидуваат јасни правила, за да се спречат злоупотреби и да се заштитат човековите права. За граѓаните, ова не е само правна нијанса. Тоа е прашање на право да знаат што им се случува. Во ситуација со полиција, сосема е легитимно да се постави едноставно прашање: дали станува збор за преглед или за претрес – и врз која основа се спроведува. Во тој одговор често се крие границата меѓу рутинска контрола и сериозна полициска мерка.
Затоа, граѓаните имаат право да прашаат – дали станува збор за преглед или претрес, и врз која основа се спроведува.
Што точно правела полицијата?
Од МВР информираат дека активностите се дел од пошироки превентивни мерки и дека се спроведуваат во сите средни училишта на подрачјето на СВР Скопје.
„Активностите се реализираат во сите средни училишта и претставуваат дел од редовни и превентивни мерки насочени кон заштита на јавниот ред и мир, како и општата безбедност на учениците“, нѐ информираа од МВР.
Оттаму додаваат дека полицијата работи по утврден план и дека за активностите биле известени и одговорните лица во училиштата.
„Полициските службеници стапија во контакт со раководствата на училиштата, кои беа навремено информирани за целта и начинот на спроведување на мерките, насочени кон обезбедување безбедна средина за учениците“, додаваат од полицијата.
Во однос на реакциите во јавноста, од Министерството велат дека засега нема официјални поплаки за постапувањето на полицијата.