ПОЛИЦАЕЦ ПУКАЛ СО ПУШКА ВО СВОЈОТ ДВОР ВО СИНЃЕЛИЌ Заработи кривична пријава и лисици на рацете
Приведен е полицаец вработен во Полициското одделение Петровец при СВР Скопје, поради тоа што предизвикал општа опасност, информираше денеска Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Денеска по претходно добиени информации дека полициски службеник, вработен во Полициското одделение Петровец при СВР Скопје, извршил кривично дело ‘предизвикување општа опасност’, предвидено и казниво по член 288 од КЗ, пукајќи на веселба во дворот од својот дом, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дроги, оружје и опасни материи во координација со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и СВР Скопје – Единица за насилен криминал и Единица за интервентна полиција, по претходно издадена наредба за претрес на дом од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд, извршен е претрес во домот на полицискиот службеник В.И. во с. Синѓелиќ, скопско“, се вели во соопштението.
При претресот, наведено е таму, е пронајдена пушката „хуглу” модел ХР 7 (користена при кривичното дело) и пиштол за светлосно звучна сигнализација „екол”, кои ги поседува со дозвола и потврда за поседување на овој вид оружје.