Полемика со Малески
Отворено и нагласено, Денко Малески, стои зад политичката филозофија на Тукидит којашто, најкусо, гласи – силните и богатите можат да прават што сакаат, а сиромашните и слабите – што мораат. Малески дури и се „фали“ дека така ги учел и своите студенти. Тоа била непростлива грешка на системот, којшто дозволувал новите генерации да се воспитуваат во дух на дефетизам и малодушност.
Денко Малески, првиот МНР по независноста, во „Слободен печат“, од 14 февруари 2023, објави текст под наслов -„Ниту имало ниту ќе има согласност помеѓу двете македонски партии“. Ова е мојата полемика со тој текст, во којашто приложените појаснувања и прецизирања се важни бидејќи се работи за нашата историја.
Отворено и нагласено, Денко Малески, стои зад политичката филозофија на Тукидит којашто, најкусо, гласи – силните и богатите можат да прават што сакаат, а сиромашните и слабите – што мораат. Малески дури и се „фали“ дека така ги учел и своите студенти. Тоа била непростлива грешка на системот, којшто дозволувал новите генерации да се воспитуваат во дух на дефетизам и малодушност. Чиста катастрофа. Веројатно, затоа сме и на ова дереџе.
И блиц осврт на историјата на човештвото ќе покаже дека, според Тукидит, прво, бесмислен бил антифашизмот. Десетици милиони загинаа, а беше јасно дека фашистичката оска и армада беа посилни од остатокот на светот. Ако се следеше неговата филозофија, ќе се избегнеа жртвите и масовните уништувања, ама ќе победеше фашизмот. Денес, светот ќе беше сосема поинаков. Во секој случај, Македонци ќе немаше, бидејќи бугарските фашисти ќе имаа доволно време да не „освестат“ – дека сме „Бугари“.
Или, Виетнам. Во 1965/66 година, таму имаше преку 650 илјади до заби наоружани американски војници, коишто ја загубија војната. Според Малески и Тукидит, Виетнамците не требаше да се борат. А, победија, бидејќи правдата беше на нивна страна. Нема да ги спомнуваме успешните борби за деколонизација, против богатите и моќни колонизатори. Вакви случаи има стотици. Последен беше Авганистан.
Народната мудрост, вели – со сила аир не бива. Тоа е најконкретна и трајна негација на Тукидит. Македонија, малтретирана и понижувана во сите овие турболентни години, е најдобар пример за тоа. Посилните ни прават што сакаат: нѐ прекрстуваат, бришат како народ… ама – не можат да не уништат. И, ние ќе победиме. Заради правдата.
1.Малески, сосема погрешно ја разбира референцата, со којашто ни беше нелегално суспендирано името во СБ на ООН. Коректно пишува за Глигоров, ама вели – “… ја внесе државата во ООН со привременото име“. Тоа нема никаква врска со вистината. Тогаш, не бевме прекрстени, иако тоа беше целта, постигната по 25 години, во Нивици. Токму затоа, формулата и се нарекува „референца“, а не привремено име.
2. Малески, погрешно ја користи и самата референца. Пишува – Поранешна југословенска република Македонија, а треба – „поранешна југословенска Република Македонија“. Малите букви – „п“ и „ј“, се клучни за интересите на Македонија. Тие покажуваат дека овие зборови не се дел од некакво име. Нема име со мали букви. Ако Македонија беше прекрстена од СБ на ООН, тогаш и овие букви ќе беа големи. Во овие финеси се кријат основните дипломатски правила, клучни во занаетот.
3. Запрепастува зошто Малески ја користи БЕСМИСЛЕНАТА и НАВРЕДЛИВА кратенка „ПЈРМ“, и тоа, повторно – погрешно. Срамната кратенка, која што кај нас не смее никогаш да се спомне, може да изгледа само вака – „пјРМ“. Недозволиво беше што светот масовно ја користеше кратенката, а ние молчевме. А тоа, што и дома ја употребувавме, дури и Малески, е неверојатно и безумно, ама покажува до кај сме.
4. Во 1992/1993 година, изгледаше дека единствен излез, и спас за земјата е во ООН да се влезе со референцата. Заради сите наметнати нелегални процедури, од нас не се бараше официјална и јавна согласност за истата. Македонија беше натерана да го проголта тоа, со – премолчување. Целта беше ем да ни се олесни поразот, ем да не се крева многу прашина заради политичките манипулации, на коишто бевме изложени.
5. Во основата, тоа беше наша огромна концесија, којашто во никој случај не смееше да се даде. Арно ама, никој не беше свесен за последиците. Без заобиколување, директно, и Митеран, и Мејџор, и сите американци, и другите, на Глигоров отворено му кажаа дека со уставното име, Македонија не може да влезе во светската организација. Со 30-тина милиони долари девизни резерви, недоволни за нафта за три месеци, без кои се запираше – земјата немаше избор. И јас верував дека Македонија нема друг излез, освен да се прифатат условите. ВМРО ДПМНЕ беше жестоко против, ама не нудеа решение. Тие беа во право дека тоа беше наш тежок пораз, ама лесно е да филозофираш од опозиција. Глигоров најави дека сè е привремено, што воопшто не беше реално. Тоа му го кажа/вети генералниот секретар на ООН, Бутрос Гали.
6. Времето покажа дека токму референцата беше наша клучна и главна грешка до сега. Преку неа, иако премолчено, ние се согласивме дека немаме име, идентитет, историја… Сите наши последователни трауми, голготи и историски порази, својот корен го имаат во референцата.
7. Тука спаѓаат: „Привремената спогодба“; агресијата од Косово во 2001-та; катастрофалниот „Охридски рамковен договор“; албанизирањето на делови од Македонија, со новата административна поделба од 2004 (заради која САД, привремено и делумно, ни го признаа уставното име); неуспехот за членство во НАТО во 2008-та, во Букурешт; „Пржинскиот договор“; капитулациите со Грција и Бугарија, преку договорите со нив, „Тиранската платформа“…
8. За приемот во ООН (1993), Малески тврди – „Она што ќе остане запаметено во историјата е дека Македонците добија своја држава. Исто и со членството во НАТО“. Тоа е апсолутно погрешно: македонската држава е создадена во 1944 година, а не во 1990-тите. Често се пишува дека сме нова држава и слични глупости. Впрочем, во 2024 ќе славиме 80 години државност. Во НАТО влеговме бидејќи тоа беше нагласен американски интерес. Со тој чин, ништо конкретно не добивме, освен обврски, а дали и колку ќе загубиме, ќе видиме.
9. Малески пишува и за успесите на Македонија, дека ќе влеземе и во Унијата, за да заклучи – “… станала членка на НАТО и на ЕУ и ја сочувала својата држава и националниот идентитет на своите народи“?! Кои народи, Малески? Во Уставот, има само македонски народ и делови од други народи. Освен Македонците, пак, никој друг не е загрозен.
10. Што се однесува до македонскиот идентитет, секако дека го зацврстивме со прекрстување на МИА, МОБ, МНТ… од македонски, во национални… На Малески треба да му биде јасно дека Софија нема никогаш да не пушти во ЕУ како Македонци, со ист таков јазик… И, не само таа.
11. Малески е во право дека – „големите одлуки“, за членство во НАТО, ЕУ, претходно во ООН… – „се носат со заемна согласност меѓу партиите во парламентот и согласно демократските вредности“, ама не навлегува во причините зошто е тоа невозможно кај нас. Не објаснува зошто сите политички сили сакаат и во НАТО, и во ЕУ, ама нема договор како тоа да се постигне? Зошто немаме заеднички блок и против бугарската национално шовинистичка агресија, иако е тоа исклучително важно? Зошто нема, ниту ќе има согласност меѓу двете најголеми македонски партии, дури и за најважните национални и државни прашања?…
12. Како политиколог, тој би требало да се обиде барем да анализира зошто е тоа така. Кои се причините; кои сили стојат зад тоа; чии интереси ни го бришат македонизмот, а клучни секако не се ниту бугарските, ниту грчките; зошто гувернер од Калето ни се меша во сè… Има едно чудо прашања на коишто мораат да одговорат нашите политиколози. Така, би го помогнале и помирувањето меѓу Македонците. Без дијагноза, нема терапија. Ништо полесно отколку да се биде дефетист; да се голтаат сите подметнати кнедли; да се витка ‘рбетот; кога другите нѐ плукаат, да велиме дека врне…
13. Мора да се оцени дека никакво единство не е можно, бидејќи власта бесрамно и капитулантски, без никаков национален договор, ги прифаќа сите фантазмагории на Софија, и на странците, и работи против македонските национални интереси. Прво, и основно – никој нормален не потпишува договор за пријателство со држава којашто јавно негира дека постоиш како народ, со свој јазик, историја… Тоа е бесмислена будалштина. Истото важи и за Грција. Токму затоа, Малески не ги коментира блокадите, уцените и ултиматумите коишто, на крајно навредлив начин, не понижуваат и негираат како народ. Од него се очекуваат објективни согледувања, без дефетизмот на Тукидит, што секако би помогнало и за надминување на поделеноста.
14. Сè заедно, кога Тукидит би можел да го следи нашето предавничко и капитулантско однесување последниве пет, шест години, сигурно би ни се чудел на паметот и не би верувал дека до таму можат да водат неговите замисли.
15. Кус коментар и на дел од текстот на Малески – „Каде се кријат руските шпиони во Македонија?“, „Слободен печат“ од 1 февруари 2023. Тој пишува – „Ние, членките на НАТО, сме, без малку во војна со Русија“, и продолжува – „Ако за двата сојуза, НАТО и ЕУ, е добро пријателството меѓу Македонија и Бугарија и брзо членство на Македонија во ЕУ, за Русија е лошо“!? Што е за Русија лошо, нема да коментираме ама, и со затворени очи, се гледа дека САД и ЕУ се зад агресивните амбиции на Бугарија кон Македонија. Заедничка цел им е бришење на македонизмот. Тоа е истото сценарио како и со Грција. Повремено, ЕУ навистина спомнува дека сака наше членство, ама не е јасно дали БРГУ ќе станеме членка за 20, 30… години, или… никогаш.