Погрешни луѓе во медиумите, или…
Неспорно е дека Благојче ги следи интересите на Бугарија, ама тоа сите не го забележуваат и затоа го канат. Бесмислено, како и Софија, и тој вели дека овде се држи „последната караула на српскиот свет“. Се „хистеризирало околу бугаризацијата на Македонија со што (не)свесно се спречувал патот на државата кон ЕУ“!?
Македонија е на удар повеќе од 30 години. По распадот на Југославија, земјата наиде на невидени предизвици. И покрај нагласената мирољубивост, се соочи со непризнавање на самостојноста; со оспорување на името и на националниот идентитет на македонскиот народ; со игнорирање на македонскиот јазик и црквата; со отворени територијални аспирации; со блокирање на евро-атлантските интеграции; со затворање на границите…
Ако некој сè уште верува дека сето тоа било случајно, а не прецизно организирано, со разработено долгорочно сценарио, поарно е да не се изјаснува јавно. Таков третман, на која било држава, во период од 30-тина години, не е можен без секојдневно и детално планирање во врвен државен стратегиски центар. Каде се случувало тоа, нека си замисли секој сам. Единствено е гарантирано дека тоа не било кај нашите соседи. Тие биле само алатки во реализацијата на туѓи, иако споделени интереси.
Откако тоа ќе се сфати, нема простор за чудење и неверување зошто сме дотерани на ова дереџе. Недостасува само димензијата на нашата вина – зошто сме турнати во овој тунел, речиси без излез? Нашата одговорност е клучна бидејќи странците не би можеле ништо да ни сторат, без наша соработка. Никој, на пример, не можеше да ни го смени името на државата, без наша согласност.
На крајот од денот, мора да се признае дека сè низ што сме минувале 30 години, сите Сцили и Харибди, се резултат на нашиот тежок политички аматеризам, некадарност, недоветност и срамна понизност во прифаќањето на сите диктати на странците, коишто се сведуваа на нелегални злоупотреби и фантазмагории. Така се однесувавме, без оглед дали се работеше за соседите, или за нивните ментори во Вашингтон и Брисел.
По распадот на Југославија, на нејзината територија беше концентрирано делувањето на сите западни тајни служби, со јасни и прецизни задачи. Една од нив секако беше одржување на традиционално длабоката поделеност меѓу македонските политички фактори. Целта беше – подели, па владеј. Мора да се признае дека во тоа имаа максимален успех. Таквиот ангажман продолжува и понатака. Така ќе биде, сè додека не сфатиме дека се само уништуваме.
Една од главните жртви на таквото делување на странците се секако јавните медиуми и новинарите. Може само да се претпоставува колкави пари се вложени во (некои од) нив, за да се реализираат интересите на душманите. Во Грција беше дури и објавено дека, преку нивното МНР, биле потрошени преку 100 милиони евра околу нашето име! Резултатите се евидентни. Ако се направи само бегла анализа на тоа кој сè учествува во јавните дебати, со какви ставови и како се објаснуваат главните надворешно политички настани сврзани со и во Македонија, сè станува јасно. Тие петтоколонаши, најчесто, прикриено ги бранат туѓите интереси и на безобразен начин играат двојна улога.
Се прават големи патриоти и ги критикуваат странските аспирации кон Македонија ама, внимавајте, само во неважните елементи, за работи кои не се клучни за непријателите на нашава земја. Меѓутоа, кога на маса се нивните битни интереси (прекрстувањето, бугаризацијата…), тие отворено застануваат на нивна страна, со небулозни објаснувања: за влез во Унијата, треба да ги жртвуваме нашите фундаментални интереси. Поточно: народот, јазикот, историјата… не се важни.
Такви лица има повеќе. Меѓу најкарактеристичните е политикологот, како што самиот се претставува, Благојче Атанасовски, редовен колумнист на „Слободен печат“. Тој е постојано во медиумите, според потребите, вергла благо угодно, прикривајќи дека работи за Бугарија.
Еве е конкретен доказ. Ако го гледавте во емисијата „Само вистина“, на ТВ Канал 5, на 12 мај 2023, ќе немавте забелешка на неговите ставови. Заради соговорниците кои очигледно беа аргументирани, тој не се конфронтираше, и изнесуваше мислења, во принцип, спротивни на своите.
Рече дека Македонија под притисок го прифати ткн. „француски предлог“; дека во Бугарија нема ниту една партија со која може да се разговара: сите стојат зад политиките против Македонија; дека и да ги вклучиме Бугарите во Уставот, пречките ќе продолжат; дека ние не изградивме консензус за националните интереси; дека меѓународното право се прекршуваше врз интересите на Македонија; дека се спроведувала филозофијата на Тукидит – силните да прават што сакаат, а слабите што морат… Сè заедно – беспрекорно.
Арно ама, истиот ден (12/5/2023), Благојче имаше и колумна во „Слободен печат“ („Молдавија на Балканот“). Во неа, тој воопшто не се согласува со тоа што го зборуваше на телевизијата. Пишува дека нема да каже дека – „од оваа дупка, не бидува држава“ а, за да не „плука“ по „земјата што неизмерно ја сака“, ќе биде прецизен, и вели – „од ова племе не бидува државотворна нација“! Демек, не заслужуваме сопствена држава! Тоа може само да значи дека источниот сосед е во право што не присвојува. Подобро Бугарин, отколку некакво – племе.
Благојче, веднаш потврдува дека тоа му е и идејата. Тврди дека е – „неверојатно и невозможно“, година и пол да – „дебатирате за Бугарите во Уставот заради што не можат да започнат преговорите со Унијата за членство“! „Наместо целокупната … енергија да ја насочиме кон … ефикасно, ефективно и целесообразно преговарање со ЕУ … како максимално да се искористат неповратните ЕУ фондови … ние како ‘пијани за плот’, сме се фатиле за темата ‘бугаризација’ … ќе ни го сменеле идентитетот и слични небулози и карикатурални работи … за кои обичен човек не смее ни да помисли при здрав памет…“!?
Подиректна поддршка на бугарската политика кон Македонија, здравје. Нашиот Благојче апсолутно го прифаќа бугарскиот ултиматум, а не си поставува прашање – зошто Софија уценува и блокира заради внесување на Бугарите во нашиот Устав? Или, која им е целта? Ако тргне во таа насока, ќе му стане јасно дека Софија има свои цели и тоа многу прецизни.
На Канал 5, тој рече дека бугарските пречки ќе продолжат и дека таму нема со кого да се разговара! Или, се збунил? Ако пречките продолжат, и нема со кого да се разговара, што е неспорно, тогаш самото внесување на Бугарите во Уставот, за што Благојче ја става раката во оган – нема никаква смисла! Освен наше понижување. Ова е нова потврда дека лагите се секогаш погубни за манипулаторите.
Неспорно е дека Благојче ги следи интересите на Бугарија, ама тоа сите не го забележуваат и затоа го канат. Бесмислено, како и Софија, и тој вели дека овде се држи „последната караула на српскиот свет“. Се „хистеризирало околу бугаризацијата на Македонија со што (не)свесно се спречувал патот на државата кон ЕУ“!? И во Софија е честа глупата теза дека ние сме жртви на некаков – србокомунизам.
Благојче, продолжува – „ја разбирам потребата на посткомунистичките мршојадци што како истакнати ‘поранешни амбасадори од кариера’, денес ултра националисти, да прават сè оваа држава да не влезе во ЕУ…“!? Сиромав човек. Тој и мисли добро на Македонија а сите што ја бранат од неговите очигледни бугарски ментори – биле против ЕУ. Зарем не му е јасно на Благојче дека е тоа обична, веќе премногу профанисана етикета, којашто и не се лепи. Самата паѓа во вода. Тоа не е аргумент, туку опасно манипулирање со народот. Тешка измама. Ем, ЕУ уште долго нема да се шири ем, нели, Бугарија не блокира и ќе става нови пречки и нема со кого кај нив да се разговара? Арно ама, нашиот Благојче ги брани клучните бугарски интереси и игра на нивна карта која, најверојатно, и не е гратис. И тој е доказ дека бугараштвото станува професија во Македонија.
Точно е дека Благојче е меѓу мршојадците што ја поддржуваат Софија, а таа не дозволува Македонците да влезат во ЕУ. Искрено се надевам дека тоа не го прави за џабе. Ептем би било глупо од негова страна. Со двојното однесување, тој јавно потврдува дека воопшто не е наивен.
Благојче добро знае дека за Софија не постојат Македонци, македонски јазик, историја… Дека не третираат како втора бугарска држава и дека врз таа основа не блокираат на патот кон Брисел. За да не освестат, де, како „Бугари“. Ако е така, а така е, сè додека Софија не сфати дека овде живеат Македонци, нема никаква основа ние во Уставот да воведуваме некакви Бугари. Ако за нив нема Македонци, мил Благојче, не може да има ниту Бугари во нашиот Устав. Толку е просто. Без реципроцитет, и без Македонци во бугарскиот устав, нема решение. Колку и да се залага Благојче за тоа.
Изјавата на Благојче – „ова е земјата што неизмерно ја сакам“, апсолутно ништо не значи. Тоа е само негова нова измама. Тој не прецизира дали мисли на втора бугарска земја?