ПОГРЕБОТ ЌЕ ГО ПЛАТИ ВЛАДАТА Ќе се пратат возила за да ги донесат повредените и загинатите
Министерството за внатрешни работи треба да обезбеди непречен премин со полициска придружба од границата со Бугарија до крајните дестинации на посмртните останки на загинатите во сообраќајната несреќа во Бугарија.
Министерството за здравство ќе обезбеди соодветни амбулантни возила за повредените лица и целосно ќе ги покрие финансиските потреби за нивниот транспорт во земјава, како и соодветна здравствена нега, без разлика дали тие лица се осигуреници во Фондот за здравствено осигурување или не, одлучи Владата на денешната седница на која бил разгледан планот за пренесување на повредените лица и на телата на починатите во сообраќајната несреќа што се случи во Бугарија.
За тој процес формирана е работна група предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во која членуваат и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче.
Министерството за надворешни работи е задолжено да изврши избор на соодветно транспортно претпријатие и во целост да реализира достоен транспорт на посмртните останки на починатите од Република Бугарија до Република Северна Македонија, а средствата за транспортот и погребот во целост ќе ги покрие Генералниот секретаријат на Владата.
Министерството за внатрешни работи е задолжено да обезбеди непречен премин со полициска придружба од границата со Бугарија до крајните дестинации.