ПОГЛЕДНЕТЕ ГО СВЕТОТ НИЗ ПЕРСПЕКТИВА НА ДЕЦАТА СО АУТИЗАМ „Сина светулка“ денеска ќе го одбележи Светскиот ден на аутизмот

Здружението „Сина светулка“ денеска, од 15.00 до 19.00 часот, на главниот влез на „Ист гејт мол“, ќе овозможи едукација за потребата од визуелна поддршка на децата со аутизам и ќе им овозможи на присутните, со помош на виртуелната реалност, да погледнат низ перспективата на децата со аутизам.

1,171

Здружението „Сина светулка“ денеска, со повеќе активности, се вклучува во одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот, 2 aприл, пренесува МИА.

„Сина светулка“ од 15.00 до 19.00 часот, на главниот влез на „Ист гејт мол“, ќе овозможи едукација за потребата од визуелна поддршка на децата со аутизам и ќе им овозможи на присутните, со помош на виртуелната реалност, да погледнат низ перспективата на децата со аутизам.






Здружението ќе информира и за проектните активности.

– Денес, кога зборуваме за ран третман и образование на децата и лицата со нарушувања од спектарот на аутизам, потребно е да се направаат одредени прилагодувања на програмите за работа, согласно најновите истражувања за зголемување на ефикасноста на третманот и на наставата. Од основањето до денес, ние, заедно со голем број организации на ниво на Европа, сме влучени во реализација на проекти преку кои се креират програми, материјали за работа, модули за едукација и самоедукација на родителите, стручните лица, наставниците и воспитувачите – наведува здружението „Сина светулка“.

Денот 2 април, како Светски ден за подигнување на свесноста за аутизмот, се одбележува од 2008 година, на предлог на државата Катар со одлука на Генералното собрание на ООН. Оттогаш, во сите земји членки на овој ден се организираат настани кои имаат цел да го насочат вниманието кон нарушувањата од спектарот на аутизмот и предизвиците со кои се соочува оваа група на граѓани и нивните семејства.

Што е аутизам?

Аутизмот, наречен и нарушување во аутистичниот спектар (ASD), е сложена и доживотна состојба која вклучува проблеми со комуникацијата и однесувањето. Тој е нарушување на спектарот, што значи дека влијае на луѓето на различни начини и во различен степен. Обично се појавува на возраст од 2 или 3 години, пренесува ВебМД.

Многумина живеат со години, па и со децении, без дијагноза, што може значително да го попречи нивното секојдневно функционирање, како и комуникацијата со околината.

Вообичаени знаци на аутизам

  • Потешкотии во разбирањето што мислат или што чувствуваат другите
  • Чувство на вознемиреност поради социјални ситуации
  • Потешкотии со стекнување пријатели или поминување време сами
  • Тешко изразување на чувствата
  • Премногу лично сфаќање на нештата
  • Потреба од иста рутина секој ден
  • Избегнување контакт со очите
  • Чувствителност на силна светлина или на бучава
  • Забележување детали, обрасци, мириси или звуци кои другите не ги забележуваат

Иако ниеден од овие симптоми не значи дека личноста е во спектарот на аутизмот, експертите предупредуваат дека ова се најчестите знаци за аутизам кај возрасните.

Поврзани содржини