ПОЕЗИЈАТА НА ТАНИКАВА Е ПОЛНА СО ЛИРСКИ И ЗВУЧНИ АСОЦИЈАЦИИ Маџиров го претстави Лауреатот на СВП во „Света Софија“ во Охрид
Иако неговите зборови се јасни, исчистени од формалност и фигуративност, а неговите стихови лесно се разбираат, сепак неговата поезија е високо софистицирана, остро исцртана како разгранети корења кон небото. Полна е со лирски и звучни асоцијации и со иновативни игри на зборови, но под ритамот на песните течат длабоки филозофски мисли и емотивни копнежи, рече Маџиров.
Со меѓународно поетско читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен Венец“, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”, вечер на Мостот на поезијата во Струга завршува 61. издание на манифестацијата Струшки вечери на поезијата. Годинашниот лауреат, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, поради поодмината возраст не присуствува на Фестивалот, а признанието во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист.
Поезијата на Шунтаро Таникава е високо софистицирана и полна со лирски и звучни асоцијации – истакна синоќа македонскиот поет Никола Маџиров, на традиционалното поетско претставување на лауреатот на највисокото поетско признание во земјава, во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Поезијата на јапонскиот поет, додаде Маџиров, патува како неуловена птица низ омеѓените простори на јазиците, како семе посеано во ноќта што нечујно се преобразува во музика, во филм, во слика или калиграфско писмо, во вознемирувачка или успокојувачка тишина.
– Тој е најпродуктивниот и најиновативниот современ поет од Јапонија, чии стихови се појавуваат и во школски учебници и во мас-медиумите, но и во прогресивните книжевни списанија чиј канон се состои во рушењето на каноните – истакна Маџиров.
Во неговите книги, посочи, свесно и храбро усвојува различен модус, стил и стиховна хармонија.
– Иако неговите зборови се јасни, исчистени од формалност и фигуративност, а неговите стихови лесно се разбираат, сепак неговата поезија е високо софистицирана, остро исцртана како разгранети корења кон небото. Полна е со лирски и звучни асоцијации и со иновативни игри на зборови, но под ритамот на песните течат длабоки филозофски мисли и емотивни копнежи – рече Маџиров.