ПОДОБРО СО ВЕТО ОТКОЛКУ СО ОРУЖЈЕ Тоа што се Украинците за Русите, тоа се Македонците за Бугарите
Се наоѓаме во многу слична ситуација како таа во Украина, со единствена разлика што на нашата територија не се води војна и не паѓаат бомби. Но, затоа, пак, наместо да користи оружје, Бугарија користи вето. А кога подобро ќе размислиш, подобро со вето отколку со оружје, вели првиот министер за надворешни работи Денко Малески.
Украина никогаш не постоела пред советското време и таа земја никогаш немала традиција на вистинска државност. Ова рускиот претседател Владимир Путин го истакна на само три дена пред почетокот на руската инвазија врз Украина, додека, пак, лани, преку колумна порача дека Русите и Украинците се еден народ.
Ваквата негова изјава наиде на чудење ширум Европа, иако, за волја на вистината, нам ни звучеше прилично познато. Навикнати се Македонците да слушаат дека Софија и Скопје имаат заедничка историја, дека се работи за еден ист народ и дека македонскиот јазик е творба по 1944 година од тогашниот комунистички лидер Јосип Броз Тито.
Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина.
Дека постојат сличности во тврдењата на Русија за Украина со оние на Бугарија за Македонија забележа и познатиот американски професор Френсис Фукујама.
Тој во интервју за Радио Слободна Европа објаснува дека Бугарија, која е поголема земја од Македонија, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин и тоа е иста работа со руските тврдења во однос на Украина.
– Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја, се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично – вели Фукујама.
И првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, во изјава за Плусинфо вели дека се наоѓаме во многу слична ситуација како таа во Украина, со единствена разлика што на нашата територија не се води војна и не паѓаат бомби.
– Путин одржа жесток националистички говор и цел еден час ги објаснуваше своите погледи за соседот Украина. Значи, во тој момент, ние ја сфативме неговата состојба на умот. Тоа беше еден жесток национализам којшто ја негираше посебноста на украинската нација. Рускиот претседател се повикуваше на историска Русија во чии граници е и Украина, а зборуваше и за Киев како седиште на руското царство. Потоа, говореше и за тоа дека комунистичкиот режим и границите коишто ги исцртал Владимир Илич Ленин се почетоците на оваа вештачка нација. Моите мисли во тој момент одеа во насока на тоа што се случува помеѓу нас и Бугарија. Акцентот се става на минатото, а не на сегашноста. Повикувајќи се на минатото, Путин наоѓа оправдување за воената интервенција врз Украина, а оттука лесно можат да се повлечат паралелите за ситуацијата помеѓу Скопје и Софија. Некогашното заедничко минато во рамките на Отоманската империја, потоа и Коминтерната и создавањето на македонската нација практично ја дискредитираат сегашноста. Значи, се наоѓаме во многу слична ситуација како таа во Украина, со единствена разлика што на нашата територија не се води војна и не паѓаат бомби. Но, затоа, пак, наместо да користи оружје, Бугарија користи вето. А кога подобро ќе размислиш, подобро со вето отколку со оружје – објаснува Малески.
Сличноста во бугарскиот и рускиот наратив ја забележаа и бугарски професори.
Универзитетскиот професор Ивајло Дичев, на пример, неодамна изрази критики кон позицијата на Софија во колумна за бугарскиот сервис на Дојче Веле со наслов „Во Русија, но и во Бугарија: историски комплекси, лаги и фантазии“.
„Погледнете ја само нашата уцена кон Северна Македонија. Главните аргументи се всушност сосема слични на оние на Путин. Тоа беше држава измислена од Коминтерната, немаше идентитет, всушност таму зборуваа бугарски. Ако се појави под одредени историски околности, тогаш нема реалност – иако ние ја признавме како држава, исто како што Русија ја призна Украина, приближно во исто време. Фала богу што немаме сериозна војска да одиме да ја земеме како што веќе се обидовме“, пишува Дичев.
Претставниците на Европската Унија и на Франција во Македонија, Дејвид Гир и Сирил Бомгартнер, пак, неодамна беа децидни дека не треба да се прават споредби на ситуацијата меѓу Русија и Украина, со онаа на Македонија и Бугарија, бидејќи станувало збор за крајно различи ситуации.
Гир ова го објасни со тоа што самите дејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на Обединетите Нации и дека во Украина, како што рече, гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник.
Тој додаде и дека во билатералните односи меѓу Скопје и Софија има неколку области на спор, но, како што рече, Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Македонија и продолжи да дава поддршка и на нејзиниот интегритет и суверенитет.
Османи: Споредбата не е во наша корист
Министерот за надворешни работи Бујар Османи е дециден дека обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Бугарија не оди во наш интерес.
– Прашањето на аналогија со руската агресија во Украина колку да звучи атрактивно мислам дека не е коректно и не е добро да се направи затоа што ова што се случува во Украина е невиден преседан по Втората светска војна во која една држава се обидува да окупира соседна држава, да ги наруши основните правила на меѓународниот правен поредок. Мислам дека не оди во наш интерес обидот за аналогија на руската агресија во Украина со нашиот спор со Република Бугарија – рече Османи.