ПОДНЕСЕНА ТУЖБА ПРОТИВ КОКА-КОЛА, НЕСТЛЕ И ДАНОН Европските потрошувачи ги тужат поради нивните пластики
Европската организација на потрошувачи и две групи за заштита на животната средина поднесоа тужба до Европската комисија со обвинување дека овие компании „лажно тврдат“ дека нивните пластични шишиња се рециклираат 100%.
Компаниите Кока-Кола, Нестле и Данон „лажно тврдат“ дека нивните пластични шишиња може да се рециклираат 100%, се наведува во тужбата од Европската организација на потрошувачи и две групи за заштита на животната средина, која денеска беше поднесена до Европската комисија (ЕК).
Во жалбата се наведува дека овие тврдења ги доведуваат потрошувачите во заблуда, особено кога се придружени со зелени слики или брендови на пакувањето, јавува Би-Би-Си.
Наведените компании наведуваат дека нивните пластични шишиња со вода се направени од 100% рециклиран материјал или дека се направени од материјал што може 100% да се рециклира, а тужителите сметаат дека тоа не е точно.
Европската организација на потрошувачи и групите за заштита на животната средина инсистираат на тоа дека шишињата никогаш не се направени целосно од рециклирани материјали, а дали може да се рециклираат зависи од голем број фактори, вклучувајќи ја и достапната инфраструктура.
– Доказите се јасни – пластичните шишиња едноставно не се рециклираат бескрајно. Податокот дека шишињата се рециклираат 100% технички не е остварлив, а рециклираните пластични шишиња исто така им штетат на луѓето и на планетата – изјави адвокатката Роза Причард од организацијата ClientEarth, која ја поднесе тужбата.
Таа смета дека наместо на рециклирање, компаниите треба да се фокусираат на намалување на количината на пластика што ја користат.
Кока-Кола на тужбата одговори со соопштение во кое се наведува дека пораките на нејзиното пакување се основани.
Данон изјави дека инвестира во рециклирање, додека компанијата Нестле се уште не се огласила за тужбата.
Терминот „greenwashing“ се користи кога компаниите лажно ги означуваат нивните производи како еколошки. Ова може да ги збуни потрошувачите кои веруваат дека со купување на овие производи и помагаат на животната средина.