ПОЧНА ЖЕТВАТА НА ЛЕБНОТО ЖИТО Мелничарите понудија цена, земјоделците велат дека не се задоволуваат со трошки
И мелничарите и земјоделците велат дека почетокот на жетвата покажува дека има добри приноси и квалитет на пченицата.
Жетвата на пченицата во Македонија почна со пазарна цена од 10 до 12 денари по килограм, но земјоделците очекуваат деновиве да се утврди цена со која барем до некаде ќе ги покријат трошоците на производство.
Мелничарите, пак, велат дека пазарната цена е повисока од она која е актуелна во Србија од каде што се увезуваат најголем дел од количините на пченица со кои се дополнува кусокот кој го има во земјава секоја година.
– За пченицата уште се разговара за откупната цена. Се надеваме дека ќе договориме цена која нас ќе ни одговара, а ќе биде прифатлива и за откупувачите. За ден до два ќе ја знаеме цената. Добро е тоа што Министерството за земјоделство годинава ќе ја покрие цената на складирање на пченицата и тоа е една помош за земјоделците кои нема да ја продадат веднаш пченицата или имаат поголеми количини кои не можат наеднаш да ги продадат – вели Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Мелничарите велат дека на стартот на откупот формирана е пазарната цена за пченицата и нема да отстапат од таа цена, бидејќи е повисока од онаа која ја имаат соседните земји.
– Ние одиме со пазарна цена, а таа во моментов е 10 до 12 денари. Повисока е од онаа во Србија од каде што увезуваме најмногу пченица. Тука е пресметан и трошокот за превоз, ако се увезуваат дополнителните количини кои секоја година недостигаат. Во Србија тон пченица сега оди за 150 евра или откупната цена таму изнесува 18-20 динари по килограм (околу 8 – 10 динари) – вели Горан Малишиќ, претседателот на Групацијата на мелничко пекарската индустрија во Стопанската комора.
Тој додава дека од оваа цена мелничарите не можат да отстапат бидејќи пониска цена ќе ги однесе во загуби.
– Како што реков, дадовме дури и повисока цена од соседите и ветување дека ако и секоја година ќе ги откупиме целокупните количини пченица. И на светскиот пазар цената на пченицата е 200 долари по тон. На другата страна имаме производ кој има голема конкуренција на пазарот. Имаме увоз на српско брашно со цена од 15,5 денари без ДДВ. На вратот ни стои закана дека поради високите цени можно е државата да донесе мерки за намалување и на цените на брашното што ги имаме сега. Тоа заедно со конкуренцијата е директен удар врз нашето работење – вели Малишиќ.
И мелничарите и земјоделците велат дека почетокот на жетвата покажува дека има добри приноси и квалитет на пченицата.
– Имаме квалитетна пченица годинава, но приносите ќе бидат помали поради временските услови кои влијаат на хектолитарската тежина и квалитет на зрното, но се надеваме дека просекот ќе биде 3.000 килограми на хектар. Некаде ќе бидат и повисоки до 5.000 килограми, но некаде и пониски до 2.000 килограми – вели Стојкоски.
Според него, кај јачменот каде што жетвата е речиси завршена се постигнати просечни приноси од 3.800 килограми по хектар.
– Кај јачменот е постигната цена од 9,5 денари по килограм, а на крајот и 10,5 денари што не е реална, но за земјоделците е поволност што има обезбеден извоз и складирање. Приносите се релативно доби годинава од 3.500 до 4.000 килограми по хектар – вели Стојкоски.
Сепак земјоделците ја чекаат конечната одлука на Министерството за земјоделство за да видат каков ќе биде крајот на годинашната жетва и дали ќе им се исплати и во септември за ги засеат нивите со оваа култура.
Земјава вообичаено произведува околу 250.000 тони од потребните 370.000 пченица. Недостигот се дополнува од увоз.
Земјава вообичаено произведува околу 250.000 до 260.000 тони од потребни 370.000 пченица. Недостигот ќе се дополнува од увоз.
Под житни култури лани се засеани 152.080 хектари или за 2,8% помалку од претходната година.
Површините со пченица се просечно се движат околу 70.000 хектари.