ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ МАРКЕТ НА „ЛИДЛ“ ВО НОВО ЛИСИЧЕ Во меѓувреме сѐ повеќе македонски производи на полиците на овој синџир во соседните земји

Годинава се очекува извозот на македонски производи за „Лидл“ да достигне 10 милиони евра и да продолжи да расте. Тоа треба да биде инспирација, поттик и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на „Лидл“ и да произведуваат според стандардите на „Лидл“, порача Мицкоски.

1,539

Во Реонскиот центар во општина Аеродром денеска е поставен камен-темелник на нов малопродажен објект на германската компанија „Лидл“. Новиот објект на „Лидл“ на парцела покрај булеварот Видео Смилевски- Бато ќе се протега на површина од 3.438 метри квадратни со модерен продажен салон од 1.200 метри квадратни и 57 паркинг места.

– Оваа инвестиција се одолговлекуваше и беше заглавена, но токму по изборот на оваа Влада, пред неполни 15 месеци, веднаш се фативме за работа со цел да ги откочиме и ја ставивме меѓу првите приоритети. Затоа сум посебно горд што денес гледаме како една идеја станува реалност. Со тоа ја потврдуваме нашата определба да бидеме Влада која решава проблеми, отстранува пречки и отвора нови можности – рече премиерот Христијан Мицкоски на поставувањето на камен темелникот.






Тој рече дека особено го радува тоа што менаџментот на „Лидл“ ја прифатил забелешката за зголемување на застапеноста на домашното производство и на македонските производи на полиците на „Лидл“.

– Втора добра вест којашто сакам да ја споделам е дека не само на полиците на „Лидл“ во Македонија ќе се наоѓаат македонски производи, туку македонски производи се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во околните земји. Во 2024 година извозот беше околу 5 милиони евра. Очекуваме оваа година, во неформален разговор со менаџментот на „Лидл“, таа бројка да достигне и 10 милиони евра и со време да расте. Тоа треба да биде инспирација, поттик и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на „Лидл“, да произведуваат според стандардите на „Лидл“, а „Лидл“ сигурно дека ќе даде можност и шанса македонските производи да се наоѓаат на полиците на „Лидл“ во околните земји и секаде онаму каде што „Лидл“ќе има потреба од квалитетни македонски производи – нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека во исто време се промовира кампањата „Македонско – најдобро“ и денес Владата има партнер кој е подготвен да ја сподели истата филозофија.

– Овој проект не е само почеток на изградба на еден обичен објект. Тоа е почеток на едно ново поглавје во малопродажбата, со нови стандарди, со поголема конкуренција и со подобри услови за граѓаните. Ваквите инвестиции носат повеќе избор, пониски цени и повисок квалитет, а тоа е најголемата придобивка за граѓаните, за секој потрошувач – рече Мицкоски.

Поврзани содржини