ПОЧНА АСФАЛТИРАЊЕТО НА БУЛЕВАРОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ По 30 години чекање, се довршува една од најфреквентните сообраќајници

По решавањето на проблемот со експропријацијата и ослободувањето на трасата, почна поставувањето на првиот слој асфалт, а ќе следува реконструкција и на спротивната страна.

60

По повеќедецениско чекање, почна асфалтирањето на булеварот Борис Трајковски во Скопје, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

На трасата се поставува првиот слој асфалт, а според најавата на Ѓорѓиевски, по завршувањето на едната страна сообраќајот ќе биде пренасочен, по што ќе започне реконструкцијата и на другата страна.






Градоначалникот вели дека довршувањето на булеварот со години било само ветување, додека повеќе од 100.000 граѓани кои гравитираат кон овој дел од градот секојдневно се соочувале со сообраќаен метеж и гужви.

– Се сеќавам уште како дете, довршувањето на овој булевар беше ветување кое се повторуваше со години. Генерации граѓани слушаа ветувања, а повеќе од 100.000 луѓе кои секојдневно гравитираат во овој дел од Скопје живееја со гужви, нервози и сообраќајна голгота. Тоа време завршува – напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочува дека пред почетокот на градежните работи бил решен и долгогодишниот проблем со експропријацијата.

– Ја ослободивме трасата и започнавме со изградба со силно темпо. И денес, нешто повеќе од три месеци подоцна, го поставуваме првиот слој асфалт – наведува градоначалникот.

Според Ѓорѓиевски, откако ќе заврши асфалтирањето на едната страна, сообраќајот ќе се пренасочи и ќе започне реконструкцијата на другиот дел од трасата.

Паралелно со изградбата на булеварот е поставена и нова атмосферска канализација.

– Нов булевар значи и трајно решение, правилно одведување на атмосферските води, поголема безбедност и инфраструктура која треба да служи со децении. Ова е крај на едно триесетгодишно чекање – порача Ѓорѓиевски.

Тој додава дека проектот, според него, е пример дека со работа и одговорност може да се реализираат и инфраструктурни проекти кои со години биле одложувани.

– Ветивме и остваривме. Мојот народ заслужува модерна и безбедна патна инфраструктура. Заслужува нормални услови за живот. Заслужува град кој се движи напред – вели скопскиот градоначалник.

Поврзани содржини