СЕ СТЕПАЛЕ ВРАБОТЕНИ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА АЗИЛАНТИ На 23.09.2020 околу 11.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Прифатен центар за баратели на право на азил во селото Визбегово, Скопско, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу З.Ч.(44) од Скопје, вработен во Прифатниот центар и С.П.(49) од Визбегово. Сочинети се записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
САКАЛ ДА ЈА ОБЉУБИ ВО ГРАДСКИ ПАРК На 23.09.2020 во 14.13 часот во Полициската станица Центар, 23-годишна девојка од Скопје пријавила дека во близина на фонтаната во Градски парк, машко лице се обидело да изврши обљуба. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
ДОНЕСЕНО ПОЧИНАТО БЕБЕ ВО КРУШЕВО На 23.09.2020 во 18.45 часот во Полициската станица Крушево било пријавено дека во Здравствен дом Крушево било донесено бебе, за кое лекар констатирал дека било починато, без видливи траги на насилство.
Увид на местото на настанот извршила екипа од Полициска станица Крушево, а по наредба на Јавен обвинител телото е предадено за обдукција.
ТЕШКО ПОВРЕДЕН ДОНЕСЕН НА КЛИНИКА На 23.09.2020 во 17.30 часот во Полициската станица Куманово, од СВР Скопје било пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ на 22.09.2020 со тешки телесни повреди бил донесен Р.Р. од селото Лопате, Кумановско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ЛАЖНО ПРИЈАВИЛА ИЗНУДА СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Ш. (49) од тетовско село поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“. На 20.07.2019 во Полициската станица Тетово, пријавената лажно пријавила кривично дело „изнуда“, односно дека на 19.07.2019 на нејзиниот мобилен телефон била повикана од женско лице кое ѝ се заканило дека ако не ѝ исплати сума од 50.000 евра во рок од 48 часа, ќе му нанесе штета на нејзиниот сопруг, објавувајќи нешто за него. Од преземените мерки и активности било констатирано дека Н.Ш. лажно го пријавила делото.
ГО ФАТИЛ НА ДЕЛО КАКО ФРЛА ОТПАД ВО РЕКА СВР Тетово поднесе кривична пријава против И.У.(65) од селото Желино, Тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“. На 01.08.2020, додека вработен во Министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство вршел контрола на реката Вардар во Желино и го забележал И.У. како фрла отпад во реката.
БАБА СО КОРОНА СЕ ШЕТАЛА НАДВОР СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.И.(65) од селото Злести, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 30.08.2020 околу 10.30 часот, пријавената не била пронајдена во својот дом во Злести и покрај тоа што имала решение за задолжителна изолација, со што постапила спротивно на одлуките на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.