ПОЧИНА ПОРАНЕШНИОТ АМБАСАДОР АЛЕКСАНДАР ТАВЧИОВСКИ Беше во дипломатска мисија во ОБСЕ и советник на Пендаровски
Почина поранешниот амабасадор Александар Тавчиовски.
„Со длабока тага и неверување ја примивме веста за прераната смрт на нашиот почитуван колега и пријател, амбасадорот Александар – Сашо Тавчиовски“, соопшти Советот на Амбасадори.
„Амбасадорот Тавчиовски ќе го паметиме како еден од основоположниците на Советот на амбасадори — дипломатско здружение кое е препознаено по своите силни заложби за промоција на позитивни идеи и иницијативи на македонската дипломатска сцена и во надворешната политика на земјата. Сашо останува во сеќавањето и на генерации професионални дипломати како колега со висок личен интегритет и човек со силна верба во вредностите на меѓународната соработка. Ќе биде запаметен по неговиот придонес во годините на голем ентузијазам и надеж во Министерството за надворешни работи, кога Македонија се бореше за своето суверено место на меѓународната сцена, како и по неговата дипломатска мисија во ОБСЕ, каде што со достоинство и одговорност ја претставуваше нашата држава“, се наведува во соопштението од Советот на амбасадори.
Тавчиовски беше и советник во кабинетот на поранешниот претседател Стево Пендаровски.