ПОЧИНА ГИТАРИСТОТ НА НАЈПОЗНАТАТА МАКЕДОНСКА АКУСТИЧАРСКА ГРУПА Членовите на „Макакус“ и пријателите се простуваат од Јане Пенов – Цевка
Почина Јане Пенов – Цeвка, професор по класична гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и член на познатата акустичарска група „Макакус“.
Почина Јане Пенов – Цeвка, професор по класична гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје и член на познатата акустичарска група „Макакус“, која кон крајот на 70-ите и почетокот на 80-ите години беше една од најзначајните не само кај нас туку и на просторите на некогашна Југославија.
Тој беше омилен педагог на многу генерации македонски музичари, а неговата смрт ги затече членовите на „Макакус“, пријателите и колегите.
По веста за смртта на Јане Пенов на социјалните мрежи се огласи основачот на „Макакус“, негов колега и другар Џина Папас Џокси, соопштувајќи ја тажната вест за заминувањето на професорот Пенов.
– Денеска тагата е поголема од зборовите. Тагуваат роднините, пријателите и сите што го познаваа проф. Јане Пенов Цевка.
Со него ме врзуваат едни од најубавите години од животот – времето кога бевме дел од МАКАКУС (Македонски акустичари). Заедно ги освојувавме најзначајните награди за млади музичари, создавајќи музика што се издвојуваше по својата тежина, оригиналност и храброст. Неговото влијание врз моето творештво беше огромно. Често знаеше да каже: „Мора да создадеме песни што никој нема да може да ги отсвири.“ И навистина, така и беше.
Се нижеа песни со свој печат – „Сладолед за чавки (Непотребни мушички)“, „Големиот шеф“, „Се врати блудниот син“, „Кловн и кукла“, „Обоена светлина“… – препознаени и од публика и од стручни жирија.
Вежбавме неуморно, по 12 часа дневно во Домот на млади „25 Мај“. Од жиците прстите ни крвареа, но знаевме зошто го правиме тоа. Свиревме грб со грб, дури и со врзани очи – музиката што ја создававме беше нешто што тешко се опишува со зборови.
На пробите често имавме публика, сведоци на неговите идеи и начинот на кој ја градеше секоја песна. Тоа беше фасцинантно. Ретко видена креативност.
Не ја преболе лесно пропуштената шанса да го снимиме албумот за ПГП РТБ. Со разочарување велеше дека тие што одлучуваат – не ја разбираат музиката. Со таа одлука ни се срушија многу соништа.По шест години заедничка работа, патиштата ни се разделија, но пријателството остана. Останаа и спомените – длабоки, искрени и неизбришливи.
Почивај во мир“ – напиша Џокси на својот Фејсбук профил.
Во спомен на Јане Пенов – Цевка видеото на еден од најголемите хитови на „Макакус, за песната „Девица“.