Побрзо се празнат семејните буџети, ама инфлацијата нема да вивне

Од Народната банка велат дека стапката на инфлација во нашата економија е стабилна и ниска веќе подолг временски период, а за годинава не се очекуваат позначајни инфлациски притисоци иако има ризици.

551

Растот на цените на храната од почетокот на годината ги подгреа размислувањата дека е започнат процесот на раст на инфлацијата. Граѓаните се жалат дека семејниот буџет го празнат побрзо од вообичаено поради зголемените трошоци за храна и здравствена нега што ги потсетува на поодминати времиња кога со многу пари во продавниците можеле да купат малку. Од Народна банка, пак, смируваат дека овој раст на инфлацијата е во рамки на прогнозираното, но дека состојбата се следи. Бизнисмените, пак, велат дека пазарните услови, пандемијата и берзите ги диктираат и цените на производите, а како тоа ќе се одрази на инфлацијата засега не можат да прогнозираат.

Цените на храната и одделни репроматеријали од почетокот на годинава поради продолжениот тек на здравствената криза и во светски рамки бележи зголемување. На одделни продукти цените скокнаа и до 40 отсто. Тоа придонесува и за зголемување на цените на дел од производите и во земјава главно поврзани со увозни репроматеријали чија цена е берзанска.






Статистичките пресметки покажуваат дека на годишно ниво во март трошоците на живот пораснале за 2,1 отсто, а просекот за првите три месеци е пораст од околу 2 отсто.

Граѓаните негодуваат на цените и се надеваат дека е претпразничен тренд, но ги загрижува фактот што неколку месеци со ред чувствуваат дека паричниците полесно се празнат поради повисоките цени на основните прехранбени производи.

– Да, за празниците цените обично растат, но овој пат порастот на цените почна порано и се надевам ќе запре по празниците. Семејниот буџет некако полесно се лизга во овој период и поради пониските плати и зголемените трошоци за здравјето. Ваквиот тренд ме потсетува не некои поранешни времиња кога со многу пари не купувавме ништо – вели повозрасна скопјанка.

Бизнисите кои веќе ги зголемија цените на производите се правдаат со пазарните услови и берзанските цени на репроматеријалите, но и со царинските стапки кои ги нема во другите европски земји за репроматеријалите кои ги користат. Така поскапе маслото за јадење, а по празниците се очекува нова повисока цена и на сувомесните производи, ако владата не овозможи бесцарински увоз на потребните количини на смрзнато месо.

Економистите, пак, со став дека не станува збор за инфлаторен скок, туку за претпразничен тренд кој ќе се стабилизира по празниците. Тие не очекуваат инфлацијата рапидно да расте бидејќи нема услови  освен кај берзанските производи, забрзано да растат цените на домашните производи. Случувањата со цените, според нив, се ефект од здравствената криза.

Слични се и податоците од последната Анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП, спроведена во март оваа година, каде што економските аналитичари очекуваат просечна стапка на инфлација за 2021 година од околу 1,8%, што не отстапува значајно од очекувањата на Народната банка.

Од Народната банка, пак, велат дека стапката на инфлација во нашата економија е стабилна и ниска веќе подолг временски период, а за годинава не се очекуваат позначајни инфлациски притисоци.

– Минатата година, инфлацијата во просек изнесуваше 1,2%. Со оглед на пандемијата и падот на побарувачката, овие промени, главно ги поврзуваме со фактори на страната на пoнудата, а воедно имаше и одредени регулаторни промени што делуваа на ценовното ниво. Врз основа на претпоставките вградени во нашите есенски проекции, за оваа година се очекува просечна инфлација од 1,5%, при очекува забрзан раст на цените во рамки на енергетската компонента. На среден рок, во 2022-2023 година, очекуваме инфлацијата да се приближи до нивото од околу 2% – велат од НБ.

Оттаму додаваат и дека последните информации со кои располагаат упатуваат на можни умерени нагорни ризици поради цените на увезените производи.

– Ризиците во однос на очекуваната динамика на цените главно се поврзани со големата променливост на цените на примарните производи присутна на меѓународниот пазар, која е дополнително нагласена поради тековната здравствено-економска криза и непредвидливиот развој на пандемијата. Во однос на очекувањата при последните проекции, корекциите во очекувањата за увозните цени се нагорни, поради што ризиците околу проектираната стапка на инфлација за оваа година би кажале дека се умерено нагорни. Сепак, би нагласиле дека засега не очекуваме тоа да предизвика позначајно различни очекувања за инфлацијата, од тековните. Остварената просечна годишна стапка на инфлација во првиот квартал од 2021 година од 2% е многу блиска до проектираната за овој период при последниот циклус проекции. Во тек е и редовен циклус проекции, во којшто ќе се направат повторни согледувања и оценки за движењето на инфлацијата и останатите макроекономски варијабли за оваа година, но и на среден рок – велат од НБ.

И од Народна банка се повикуваат на последната Анкета за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот БДП, спроведена во март оваа година, каде што економските аналитичари очекуваат просечна стапка на инфлација за 2021 година од околу 1,8%, што не отстапува значајно од нашите очекувања и не упатува на посериозно забрзување на растот на цените во домашната економија. Умерената инфлација испитаниците главно ја поврзуваат се случувањата и ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата на ковид-19.

Оттаму додаваат дека согласно последните проекции на домашните и меѓународните финансиски институции, позначаен нагорен притисок на цените на среден рок не се очекува ниту во еврозоната како наш клучен трговски партнер.

– Врз основа на макроекономските проекции на ЕЦБ од март оваа година, стапката на инфлација во еврозоната се очекува да се придвижи до 1,5% во 2021, 1,2% во 2022 и 1,4% во 2023 година. И ЕЦБ на среден рок очекува инфлацијата да е умерена и во контролирани рамки, со оглед на потребното време за закрепнување на побарувачката – велат од Народната банка.

Поврзани содржини