Победничката партија во анкетата на Телма се вика Нема да гласам! Бара ли народот алтернатива?
Проблемите со кои се соочува Македонија – неодговорно и неубедливо владеење на СДСМ и недоволна капацитетност на водечката опозициска партија – ја јакне поддршката на значаен дел од граѓаните за радикализмот како политичко поведение, но истовремено отвора многу важен простор за појава на нова политичка понуда во пресрет на претстојните локални избори.
Резултатите од последната анкета на телевизија Телма и на МЦМС, спроведена од агенцијата М-Проспект, која ги оценува првите 100 дена од работата на новата влада и рејтинзите на партиите и на лидерите, искрено ме изненадија. Без оглед на напорот на владината пропаганда да се наметне впечаток дека клучен исход е големата разлика во персоналниот рејтинг меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски (11 отсто во полза на Зарв), мислам дека екипата на Бихаќка има сериозни причини за загриженост. Многу посериозни од тимот на Мицкоски.
Аналитичарите афилирани кон таборот на СДСМ, чиј збор сѐ уште се важи (Орданоски, на пример) и не е искомпромитиран до ниво на патетична и со ништо непоматена трич-прич љубов кон „неоптоварениот, благородниот, чесниот, страстниот Заев“ до степен на инфантилна возбуда што ете „имаме среќа таков човек да раководи со општите работи во овие заебани времиња“ (Тричковски), се свесни за проблемите. Орданоски пишува: „Вистинско чудо е како СДСМ сè уште води во анкетата на Телма/МЦМС, макар и со минимална предност, пред ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на целата општествено-економска катастрофа што се истури пред прагот на оваа власт во последната, оваа година“. Слабоста на овој аспект на анализата е во тоа што пропагандната машинерија на Илинденска долго и упорно ја убедуваше јавноста дека владата одговорно и успешно се справува со пандемијата и со нејзините последици врз стопанството и врз стандардот на граѓаните во Македонија, така што катастрофата на Заев и на СДСМ требаше да им донесе одлучна предност пред „деструктивизмот“ на ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски, а не разлика во рејтингот од прескромни 0,5 отсто (18,6 – 18,1 отсто).
Дополнително вознемирувачка за Заев е неубедливата оценка за перформансите на власта во првите 100 дена (3 минус, односно прецизно – 2,46). Таа оценка покажува дека доминира перцепцијата дека оваа власт не покажува ништо ново и ништо подобро во односот кон клучните слабости на ова општество (криминалот, корупцијата, непотизмот, партизацијата, некомпетентноста, неодговорноста итн), а отвора нови „рани“, при што најболна беше неславната завршница на преговорите за „имплементација“ на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Внимавајте, шест од десет испитаници ја отфрлаат идејата да биде потпишан анекс на Договорот, кој ќе гарантира дека Македонија нема територијални претензии кон оваа држава, дека нема да се меша внатрешните работи и нема да навлегува во национални и идентитетски прашања. Сигурен сум дека најголем дел од граѓаните на оваа земја не би поддржале било какви претензии на малата и секогаш пријателски настроена Македонија кон било кого од соседите. Значи, јасно е дека одговорите на испитаниците на прашањата поврзани со односите со Бугарија се резултат на разочарувањето од притисоците од Софија, но и од несигурноста во однесувањето на владата во Скопје. Тие се силно неодобрување и гнев поради сервилниот однос на скопските министри кон нивните софиски колеги, но и критика за конфузната позиција на Заев што јавноста ја доживеа како едно кратко, но сепак фатално приклонување на сдсмовскиот првак кон негирањето на македонската самобитност.
Таа неславна епизода, што почна со контроверзното интервју на Заев за БГНЕС, па продолжи со неуспешните експликации на нешто што не може да се одбрани и конечно заврши со „коперниканскиот пресврт“, односно со изјавата на премиерот дека Македонците се нација стара со векови, веќе е зад нас. И нема долго да се памети. Но, остана впечатокот дека тимот на премиерот има сериозен проблем и на планот на креирањето на политики, но и со нивната артикулација. А тоа значи дека со слични проблеми Заев може да се соочи и во скора иднина. На пример, со кампањата за легализација на марихуаната, која лично ја бустира, наспроти секакво нормално разбирање на приоритетите во политиката и во животот. Или, со кампањата за пописот, која еве почнува и која може да стане извор на нови меѓуетнички недоразбирања.
Што се однесува до етничката дистрибуција на „гласовите“ на анкетираните, опозициската ВМРО-ДПМНЕ води со 25,4 отсто наспроти 22,5 отсто кај Македонците. Уште една непријатна вест за стратезите на Бихаќка. Од друга страна, очекувана е непопуларноста на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски кај Албанците. Но, јас од одиумот на малцинската етничка заедница кон македонскиот опозициски лидер не би правел голема приказна. Уште се свежи сеќавањата на размената на жестоки меѓусебни напади, па дури и директни навреди меѓу Али Ахмети и Зоран Заев, во кампањата пред последните избори, па тоа не беше пречка СДСМ и ДУИ да склопат уште еден брак од интерес и засега успешно да ги исполнуваат брачните обврски.
Инаку, за мене најзначајниот податок од оваа анкета, индикатор што вреди посебно и темелно да се анализира, е фактот дека проблемите со кои се соочува Македонија – неодговорното и неубедливо владеење на СДСМ и недоволната капацитетност на водечката опозициска партија – ја јакне поддршката на значаен дел од граѓаните за радикализмот како политичко поведение, но истовремено отвора многу важен простор за појава на нова политичка понуда и и за формирање нови политички партии во пресрет на претстојните локални избори.
Анкетата на Телма и на МЦМС покажува дека рејтингот на Левица на Димитар Апасиев пораснал на фантастични 6,2 отсто. Без оглед на сите приказни за раѓањето и за кратката и контроверзна историја на оваа партија, ваков рејтинг (колку за споредба, само 0,5 отсто помал од рејтингот на ДУИ), покажува дека партијата на Апасиев веќе не може да се третира како ничија „продолжена рака“, дека таа креира свој препознатлив идентитет и дека веќе има верни приврзаници, особено меѓу младата популација, чиј број веројатно ќе расте. И не сум сигурен дека оваа вест би требало повеќе да го загрижи Мицкоски одошто Заев. Попрво би рекол дека ќе е обратно…
Конечно, најинтересниот податок е дека победничката партија во анкетата на Телма и МЦМС се вика – Нема да гласам! За неа се определиле дури 23,8 отсто од анкетираните. Внимавајте, таа група е различна од групата избирачи кои на прашањето за кого би гласале одговориле со „не знам“ (17,5 отсто). Се разбира, како што тоа обично бива кај нас, со наближувањето на изборите декларираната апстиненција ќе се намалува и на крајот, на изборите, може да се очекува пристоен одзив. Но, во случајов, несомнено регистрираме еден голем контингент на „бунтовнички“ гласови, кои секако ќе завршат на нечие конто, заедно со дел од гласовите на потенцијалните апстиненти. Прашањето е едноставно – чие ќе биде тоа конто?
Ако СДСМ продолжи со политиката на форсирање конфликтна политичка агенда (темата „попис“, на пример, покрај другите отворени „рани“, има сериозен потенцијал да произведе поделби и конфликти), ако ВМРО-ДПМНЕ на обидите да биде „приведена“ и насилно „трансформирана“ во сервилна опозиција одговори со отпор и со одлучно одбивање да партиципира во процесите и ако Левица продолжи со својата метод на „безобѕирна критика на сѐ постоечко“ (Маркс), веројатно тој празен простор во политиката што сега се создава и полека се консолидира, ќе биде погоден да го пополни некаква нова, помоќна политичка алтернатива. Периодот пред локалните избори е како создаден за таков потфат.
Освен тоа, мислам дека во Македонија објективно постои една голема група граѓани кои политичката битка ја замислуваат како креативна и плодоносна дебата и кои се убедени дека и кај нас има и почесни и поспособни луѓе, спремни да се ангажираат во јавните работи со доминантна посветеност кон општото добро, а не заради лични интереси. Можеби токму оваа катастрофална година што изминува, во која многу индивидуалци покажаа и лична храброст, одговорност, солидарност и одмереност, дополнително ќе го засили тоа чувство дека земјата има и потреба, но и човечки потенцијал за збогатување на политичката понуда.
Повозрасните читатели се сеќаваат дека во 1998 година, во една слична политичка констелација (немоќ на двете водечки политички партии да понудат убедлива општествена перспектива), се појави Демократска алтернатива на тогашниот политички рековалесцент Васил Тупурковски и освои неверојатни 120.000 гласови, пресудни за одлуката кој ќе владее со Македонија во наредните четири години.
Се разбира, неблагодарно е да се прогнозира билo што. Само сакам да нагласам дека анкетата на Телма и на МЦМС покажува дека на македонската политичка сцена конечно се создава еден празен простор, кој сегашните клучни претенденти не можат легитимно да го пополнат, секој од различни причини. Претстојната 2021 година и локалните избори се идеална шанса за нова политичка понуда и за освојување на тој простор. Останува да се види дали ќе се случи таков потфат. Или „гласовите“ на сега водечката партија Нема да гласам ќе се трансформираат во апстиненција. Не треба да се занемари и опцијата тие да бидат поделени меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, со добро познатите методи на предизборна корупција, што ќе рече „под маса“.
Веројатно следните релевантни анкети ќе ни помогнат да антиципираме во која насока ќе тргнат работите.