ПОБЕДИВМЕ ВО 20 ОПШТИНИ, А БРОЈКАТА ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА Мицкоски ги соопшти новите градоначалници и најави ново парламентарно мнозинство

Во првиот круг имаме повеќе од 20 градоначалници, а со победа во Аеродром и во Кисела Вода, таа бројка може да биде 22. Имаме најмалку 50.000 гласови во советничките листи. Победи народот и покрај сите нерегуларности и притисоци, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.

1,537

Огромна победа на народот на Македонија. Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја започна вечерашната прес-конференција и рече дека ова е пообеда на младите, на старите, на мажите, на жените, на верниците, на атеистите, на лекарите, на професорите, на тивкото мнозинство граѓани.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ е победник во прв круг дури во 20 општини, а дека можно е таа бројка да се зголеми на 22 кога ќе се пребројат гласовите во Општина Аеродром и во Општина Кисела Вода.






– Според нашите анализи, Данела Арсовска има предност од 2.750 гласови во однос на кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов. Во повеќе општини очекуваме мнозинство во советите. Во првиот круг имаме повеќе од 20 градоначалници, а со победа во Аеродром и во Кисела Вода, таа бројка може да биде 22. Имаме најмалку 50.000 гласови во советничките листи, а тоа значи дека за многу брзо време може да имаме и мнозинство во Собранието. Победи народот и покрај сите нерегуларности и притисоци. Вечерва надежта е родена, шансата за нова иднина народот ја зеде во свои раце. Новата иднина го победува минатото, ова е триумф на оние кои гласаа и оние кои не гласаа. Ова е триумф на хероите на Македонија. Денеска трешти гласот на промените и сите вие со вашата верба во себеси сте најголемата сила на промените. Ова не е финална победа, но е прв чекор до финалната победа. Ова е победа и е одговорност. Нема да ве изневериме и нема да ве разочарам. Гарантирам за тоа што го зборувам – порача Мицкоски.

Би сакал да споделам дел од резултатите кои досега се пристигнати, додаде тој.

– Во Македонски Брод имаме водство во прв круг. Во Аеродром очекуваме во прв круг да се заврши, имаме огромна разлика. Кисела Вода убедливо водство со два спрема еден и очекуваме победа во прв круг. Во Сопиште е завршена работата уште во првиот круг. Во Центар и во Карпош ќе има втор круг. Дарко ја заврши работата уште во првиот круг и Бутел го има новиот градоначалник. Во Чучер Сандево одиме во втор круг, а во Гази Баба победуваме во прв круг. Во Ѓорче Петров имаме убедливо водство и можно е да победиме во првиот круг, но нијанси одлучуваат. Во Пехчево одиме во втор круг, исто и во Македонска Каменица, а победа во прв круг имаме во Виница. Во Кочани одиме во втор круг. Во Зрновци завршивме во прв круг, Борче е таму новиот градоначалник. Во Зелениково одиме како првопласирани во втор круг, во Петровец имаме победа во прв круг. Во Илинден имаме победа во прв круг. Чешиново-Облешево ќе има втор круг, а во Штип имаме победа во прв круг. Исто и Карбинци го има новиот градоначалник во прв круг, а исто е и во Свети Николе. Во Лозови и во Пробиштип ќе има втор круг, а во Кратово за само 13 гласа не успеавме во прв круг. Во Ранковце влегуваме во втор круг, а таму знаете со што се соочуваше нашиот кандидат. Поздрав ви пренесе и Марко од Велес. Малку подолу, имаме нов градоначалник во Градско. Во Радовиш имаме огромна предност и влегуваме во втор круг, а иста е ситуацијата и со Конче. Поздрав имате од Манчев од Босилово и тој ја заврши работата уште во првиот круг. Ново Село и Василево влегуваме во втор круг, а Андон во Гевгелија е многу блиску до победа во прв круг – рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Неготино го има новиот градоначалник во првиот круг.

– Во Демир Капија влегуваме во втор круг, Кавадарци е со старо-новиот градоначалник Митко Јанчев. Во Росоман одиме во втор круг. Сакам да ви пренесам и поздрав од Прилеп, бидејќи победивме во прв круг. Завршена е работата и во Могила и во Новаци, а во Битола имаме огромна предност и најверојатно ќе победиме во прв круг. Во Ресен одиме во втор круг. Разликата во Охрид е повеќе од 2.000 гласа, а водиме во Кичево. Втор круг имаме во Маврово и Ростуше, втор круг во Демир Хисар, а имаме победа во Јегуновце уште во прв круг. Во Брвеница влегуваме во втор круг како првопласирани – изјави Мицкоски.

Вечерва ќе се радуваме, но нема да славиме, рече тој.

– Утре сме на работа за народот. Ги повикувам сите гласачи кои сакат нешто  да се промени, како и сите оние кои не се определија првично за нас, ајде да се обединиме. Време е да покажеме слога и заедништво во намерите да се направи подобро. Со поделби само други користат. Да покажеме дека самите сме господари на своите судбини. Ајде сите да направиме големи работи, да ја создадеме новата иднина. Уште само еден чекор има до она по кое сите мечтаевме. Излезноста е клучот. Тие сакаат да наведнете глава, а ние ви велиме да ја кренете главата горе – порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини