„ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА МАНДАТОТ НЕМА ДА ГИ КОРИСТАМ ПРИВИЛЕГИИТЕ, НО ТОА ЌЕ БИДЕ ВО 2029 ГОДИНА“ Пендаровски одговори на прозивката на Николоски
„За разлика од Николоски, кој никогаш самиот нема ништо сработено и заработено во животот, јас имам професија пред да станам претседател, кога ќе ми заврши мандатот ќе се вратам на таа професија“, рече претседателскиот кандидат на СДСМ.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во средата во Неготино одговори на прозивката од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за неговите идните планови.
– На почетокот на на мандатот, во претходната кампања и пред вас и пред цела држава сум го кажал тоа дека по завршување на мојот мандат, нема да ги користам привилегиите кои ми следуваат по закон. Меѓутоа, интересно е што тој човек го покренува тоа прашање. Тој човек, не знам кој знае, кој не знае, од своите рани дваесетти години, или партијата или државата го финансира, буквално така. Значи, тој е на јаслите на државата и на партијата од време кога бил во Унија на млади сили. Никогаш самиот нема ништо сработено и заработено во животот. Јас имам професија пред да станам претседател, кога ќе ми заврши мандатот ќе се вратам на таа професија. Но, таа одлука ќе ја донесам во 2029 година – порача Пендаровски од Неготино.
Претходно, Николоски го потсети претседателскиот кандидат Стево Пендаровски дека досега не одговорил на прашањата што му се поставени.
– Го прашавме, а не одговори, каде ја донира сопствената плата, нели се фалеше ќе ја донира? До денес не одговори дали после 12 мај, кога официјално му завршува мандатот, дали ќе користи претседателски бенефиции, а тие се претседателска пензија доживотно во висина на претседателска плата, кабинет, простории, возач и обезбедување платени од државата – рече Николоски и потсети дека во 2019 година, „кога Пендаровски сакал да глуми чесен, велел дека нема да ги користи овие привилегии“.