ПО ВТОР ПАТ НЕ СЕ ДОДЕЛИ НАГРАДАТА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ Пристигнале само три текста, и тие аматерски
Доставените дела немаат целосно изградена и развиена драмска структура, карактерите се еднодимензионални, а дијалозите се непотребно реторични, информативни или банални, оценила Комисијата.
Комисијата за конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ при Драмскиот театар реши годинава да не ја додели наградата за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години.
На конкурсот објавен на 25.7.2025 година биле доставени три драмски текста од тројца автори.
Комисијата во состав: Викторија Рангелова-Петровска, (драматург и претседател на Комисијата) и членовите: Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер), по анализа на доставените дела, едногласно одлучи наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор да не се додели.
„Доставените дела немаат целосно изградена и развиена драмска структура. Карактерите во делата се еднодимензионални и повеќе се функции одошто карактери кои го градат драмското дејство. Дијалозите се непотребно реторични, информативни или банални. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали имаат потенцијал, но развиени се до ниво на драмски скици/зачетоци, на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови“ – се вели во образложението на одлуката што го прочита претседателката на Комисијата Викторија Рангелова-Петровска, драматург во Драмски театар Скопје
Одлуката да не се додели наградата и оваа година може да се толкува како дестимулативен потег, но и покрај тоа Комисијата принципиелно стои на ставот дека единствениот критериум за доделување на наградата „Горан Стефановски“ е и мора да биде квалитетот на драмскиот текст.
Малиот број на доставени драмски дела е уште еден критичен показател. Поради тоа Комисијата достави предлог до Управата на Драмски театар Скопје да да се зголеми или потполно да се отстрани возрасната граница.