ПО ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ НИЕ ГО ПЕНЗИОНИРАВМЕ ЗАЕВ Експремиерот по парламентарните ќе одговара за криминалите, најави Николоски
По промената на власта детално ќе ја испитаме работата на Заев и доколку има одговорност ќе одговара, кажа Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на гостување во емисијата 360 Степени рече дека тие не комуницирале со Заев, а со тоа ги негираше обвинувањата за соработка на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ.
– Ние го пензиониравме него на локалните избори. Ние политички го пензиониравме. Заев даде оставка по поразот на локалните избори, а тој беше резултат на ова раководство кое е сега на ВМРО-ДПМНЕ – рече Николоски.
Тој укажа дека по изборите кога ќе се смени власта ќе се испита работата на Заев.
– По промената на власта детално ќе ја испитаме неговата работа и доколку има одговорност ќе одговара – кажа Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека нападите од партијата сега се кон Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ.
– Додека беше претседател на партијата и на Владата логично ударот да е кон него, кон Заев, а сега е кон Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ, двајцата како двоец – заклучи Николоски.