ПО КОЈА ЦЕНА ЌЕ ПЛАЌАМЕ СТРУЈА ОД ЈАНУАРИ? Бислимоски вели дека е неизвесно додека ЕВН не го заврши тендерот за набавка на струја
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика вели дека нема да има промени во делот на цените на преносот и на дистрибуцијата на електричната енергија кои учествуваат во крајната цена на струјата.
До крајот на месецов или почетокот на следниот месец, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги соопшти цените за пренос и дистрибуција на електричната енергија. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски не очекува било какви поместувања во овој дел.
– МЕПСО побара минимално зголемување од 0,67% за пренос на електрична енергија, операторот на пазарот не побара зголемување, а Електродистрибуција нема наведено во своето барање имајќи предвид дека во текот на овој месец ќе има тендер за набавка на загубите на електрична енергија коишто имаат исклучително големо влијание врз цената на електричната енергија така што кон крајот на овој месец или почетокот на следниот ќе ги знаеме цените што ги определува РКЕ, а тоа се пренос и дистрибуција на електричната енергија и тука не верувам дека ќе има било какви поместувања – изјави Бислимоски.
Тој додаде дека по завршување на тендерот за универзалниот снабдувач согласно новиот Закон за енергетика, ЕВН Хоум ќе ја соопшти новата цена за домаќинствата и за малите потрошувачи.
Од МЕПСО не очекуваат испади во текот на зимскиот период. Велат дека инвестираат во континуитет и дека граѓаните треба да бидат спокојни.
– Во контиунитет инвестираме, имаме и голем број на активни проекти кои во моментот се реализираат. Еден од нив е 110 киловолтниот далекувод Прилеп – Битола, во тек е продолжувањето на договорот за реализација на интерконекцијата меѓу Македонија и Албанија. Во исто време го очекуваме и реакторот за реактивна енергија којшто треба да се инсталира во 400-киловолтната трафостаница Дуброво со којшто би се довеле во нормални граници на приликите во нашата држава -изјави Александар Пауноски од МЕПСО.
Тој додаде дека МЕПСО аплицирал за голем број грантови преку механизмот за инвестирање во Западен Балкан.
-Така што можеме да кажеме дека не само во сегашноста, туку и во перспектива ја планираме надградбата и инвестирањето во преносната мрежа со цел да овозможивме непрекинато снабдување на граѓаните со електрична енергија – рече Пауноски.