ПО КИЛОГРАМ ОВОШЈЕ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ Поддршка за градинките, но и за земјоделците
Во текот на три месеци, секое дете ќе добива еден килограм овошје неделно, односно по два вида овошје неделно, кое ќе се консумира во градинките како дел од дневната ужинка.
Околу 38.000 деца од сите градинки во земјава секојдневно ќе добиваат домашно и квалитетно свежо овошје, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски за време на денешната посета на детската градинка „Срничка” во општина Аеродром.
Со Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје за 2025 година, издвоени се 40 милиони денари за набавка на околу 880.000 килограми домашно овошје. Во текот на три месеци, секое дете ќе добива еден килограм овошје неделно, односно по два вида овошје неделно, кое ќе се консумира во градинките како дел од дневната ужинка.
– За првпат се предвидени и количини на овошје од органско потекло, што претставува дополнителен квалитет во исхраната на најмалите. Оваа Програма претставува инвестиција во здравјето на најмалите, градење на навики за здрава исхрана од најрана возраст и конкретна поддршка за македонските земјоделци – рече министерот Трипуновски.
Преку директната набавка на домашно овошје, Министерството придонесува и за зајакнување на земјоделското производство и обезбедување стабилен пазар за земјоделците.
– Децата заслужуваат „Македонско најдобро” од најмала возраст. Секое дете заслужува здрава исхрана, а секој земјоделец заслужува поддршка. Заедно градиме здрава иднина за децата и одржлив развој за македонското земјоделство – истакна министерот при посетата на градинката „Срничка”.