ПО 10 ГОДИНИ ЌЕ ДОЗНАЕМЕ НА КАКОВ ЈАЗИК ГОВОРИМЕ Нема чиста формулација во францускиот предлог
Владата треба да биде фер и да престане со тврдењето за јазикот. Тоа што во моментов е единствено сигурно е дека на македонски јазик ќе биде преведено европското законодавство и ништо повеќе. Но тоа не е ништо ново, бидејќи и досега во коресподенцијата со ЕУ беше користен нашиот јазик, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Владата апсолутистички ги брани позициите на т.н. француски предлог, а треба да биде фер и на граѓаните да им ги објасни сите ризици и опасности по македонскиот јазик и по националната историја, кои со прифаќањето на предлогот ќе се отворат во преговарачкиот процес со Европската Унија, предупредува Марко Трошановски од Институтот за демократија.
Тој смета дека за предлогот ќе мора да се отвори вистинска и отворена дебата, по која граѓаните ќе можат да створат јасна слика за придобивките и опасностите од добивањето на датум за преговори под вакви услови.
– Владата инсистира на тоа дека добиваме чиста формулација на македонскиот јазик во преговарачката рамка со ЕУ. Тоа воопшто не е точно, бидејќи за статусот на нашиот јазик како еден од официјалните во ЕУ, ќе се преговара дури во поглавјето 34. Тоа е претпоследното поглавје во преговарачкиот процес и може да биде отворено за 10 или 15 години и тогаш Бугарија може без проблем да нè блокира и да испорача нови уцени и притисоци – вели Трошановски.
Бугарите можат да прават што сакаат со нашиот јазик
Тој додава и дека со изоставувањето на поглавјето 34 од преговарачката рамка и со внесувањето на унилатералните ноти за македонскиот јазик, Бугарија си остава простор во подоцнежната фаза на преговорите да го блокира затворањето на ова поглавје. Трошановски смета дека потпишувањето на договорот со Фронтекс на македонски јазик, не е правна гаранција за подоцежно признавање на јазикот во ова поглавје, како што вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
– Владата треба да биде фер и да престане со тврдењето за формулацијата околу јазикот. Тоа што во моментов е единствено сигурно е дека на македонски јазик ќе биде преведено европското законодавство и ништо повеќе. Но тоа не е ништо ново, бидејќи и досега во кореспонденцијата со ЕУ беше користен нашиот јазик – додава Трошановски.
Слично мисли и Марјан Ѓорчев, поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија. За него е апсолутно неприфатлива тезата што се обидува да ја наметне Владата, убедувајќи ги граѓаните дека со францускиот предлог сме добиле чиста формулација на јазикот.
– Тоа не е вистина, во поглавјето 34 од преговорите со ЕУ ќе треба да се постигне договор дека македонскиот јазик ќе стане официјален во рамки на Унијата. Исто така и унилатералната нота што влегува во преговарачката рамка за тоа дека јазикот ни е еден од шесте дијалекти на бугарскиот јазик, на Бугарија или на кој било друг му остава можност во некое идно време да бара соодветна формулација за македонскиот јазик – вели Ѓорчев.
Решението е во УНЕСКО, а не во ЕУ
Ако протоколот со Бугарија, за чија содржина дознаваме од бугарските медиуми, предвидува годишни извештаи за напредокот на преговорите за пријателство и за добрососедство, тогаш може да се заклучи и дека целиот преговарачки процес делумно ќе зависи и од тоа што е сработено во Комисијата за историја или од тоа како тече соработката на планот на културата, образованието и чествувањето на одредени историски датуми.
– Владата премногу афирмативно го претстави предлогот и не кажува дека овие годишни извештаи потоа ќе бидат разгледувани од Советот на ЕУ. Тоа значи дека историските прашања потоа ќе бидат предмет на преговори, како и учебниците, спомениците, разни формулации на спомен облежејата итн. Наместо Бугарија, ние во иднина ќе бидеме уценувани од Европската комисија, во чија работа не треба да бидеме наивни па да не веруваме дека официјална Софија нема да има влијание – додава Трошановски.
Ѓорчев, пак, смета дека целите преговори со ЕУ ќе станат невозможни во една таква конотација.
– Од нас се бара со политичка одлука да регулираме работи од културата. Тоа е невозможно. Ќе мора да најдеме начин билатералните преговори со Бугарија да се изместат од нашиот евроинтеграциски процес и да се преместат во УНЕСКО. Само како пример, Германија и Полска преговараат за своите историски разлики токму во оваа организација од 1972 година, непопречувајќи ги на тој начин своите односи во рамки на ЕУ – смета поранешниот амбасадор.
Нема гаранција
Политикологот Димитар Христов предупредува на уште една опасност којашто произлегува од францускиот предлог, а се однесува на немањето гаранции дека и доколку ги внесеме Бугарите во Устав, ќе добиеме втора меѓувладина конфереција со ЕУ.
– Малку е чудно дека во овој дел од предлогот се употребуваат термините ќе видиме, ќе размислиме, што апсолутно Македонија ја остава без никакви гаранции во натамошниот процес. Значи немаме пишана гаранција дека ќе бидеме повикани на втора меѓувладина конференција со ЕУ, со што е замислено да биде означен реалниот почеток на преговарачкиот процес – вели Христов.