📽 ПЛАНИРАЛЕ НОВИ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ ВО РУСИЈА Руските специјалци убија двајца осомничени

Осомничените отвориле оган врз специјалните сили на Федералната служба за безбедност откако биле блокирани на периферијата на Наљчик, главниот град на Република Кабардино-Балкарија.

397

Руските специјални сили убиле две лица осомничени за планирање терористички напади во размена на оган на југот на земјата, соопшти рускиот Национален антитерористички комитет, а пренесува Москва тајмс.

Осомничените отвориле оган врз специјалните сили на Федералната служба за безбедност откако биле блокирани на периферијата на Наљчик, главниот град на Република Кабардино-Балкарија.






„На периферијата на Наљчик беше спроведена антитерористичка операција откако беше утврдена локацијата на вооружени мажи што учествуваа во терористички активности. Неутрализирани се двајца милитанти“, се вели во соопштението.

Според достапните податоци, двајцата милитанти убиени во кратка престрелка биле членови на банда што е дел од меѓународна терористичка организација. Тие планирале да извршат серија субверзивни и терористички напади во регионот, се додава во соопштението.

„Како одговор на понудата да го положат оружјето и да им се предадат на властите, бандитите отворија оган врз специјалните сили. Координацијата на активностите на силите за ред и мир ја обезбедува оперативниот штаб на Националниот антитерористички комитет“, се наведува во соопштението.

Не се соопштени детали за нападите што наводно биле планирани.

На местото на судирот се пронајдени автоматско оружје и муниција. Експерти за бомби од ФСБ ја проверуваат локацијата.

„Немаше жртви меѓу службениците на ФСБ, Министерството за внатрешни работи, а и Министерството за вонредни ситуации и Националната гарда, кои учествуваа во антитерористичката операција. Ниту еден цивил не е повреден“, нагласија властите.

Безбедносните мерки низ Русија се зголемени по терористичкиот напад на 22 март во близина на Москва во кој загинаа 145 луѓе.

Одговорноста за нападот потоа ја презеде разгранок на Исламска држава ИСИС-Х.

Кабардино-Балкарија се наоѓа во регионот на Северен Кавказ каде што исламските екстремисти дејствуваат со децении.

Поврзани содржини