Планинарите бараат со рампи да се заштитат „белите дробови“ на Скопје
Ни истекува времето да ги спасиме белите дробови на Скопје од уништување – велат активистите кои ги повикаа сите скопјани да гласаат овој предлог да биде разгледан од Советот на Град Скопје на следната седница.
Најостро да се забрани пристапот со моторни возила до врвот на планината Водно, да се постават рампи на Средно Водно, Соње и Пантелејмон. Да се ангажираат луѓе кои ќе ги обезбедуваат рампите, а пристап да биде дозволен само за приоритетни возила, брза помош, пожарна и полиција, како и луѓе со инвалидитет, велат планинарите со кои разговараше Плусинфо, а кои ја коментираат петицијата што беше објавена неодамна на платформата „МојГрад“.
Имено, најновиот предлог на платформата е да се воведе забрана за автомобили и други моторни возила до врвот на Водно, а како што велат оттаму, одењето со автомобил до врвот на планината ќе стане пракса откако ќе се отвори ресторан на местото на планинарскиот дом.
– Ова мора да биде барем почетна мерка, како вовед во сеопфатна стратегија за заштита на ова подрачје, кое е од толкаво значење за скопјани. Ни истекува времето да ги спасиме белите дробови на Скопје од уништување – велат активистите кои ги повикаа сите скопјани да гласаат овој предлог да биде разгледан од Советот на Град Скопје на следната седница.
Според планинарката Југослава Дуковска, гужвата со автомобили е резултат на, како што вели, криминалното преземање на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на врв на Водно од страна на луѓе на кои не им е на срце планинарска дружба, туку гол профит.
„Нема да ги именувам, си се знаат тие, ги знаете и вие. Баш ме интересира како скопскиот градоначалник Петре Шилегов ќе се оправда со ненадлежност за нечинење, во случајов за тоа дека Градот, стопан на Водно, дозволува вакво дивјачко уништување на природните вредности на идното заштитено подрачје Водно“, напиша Дуковска на Фејсбук.
Од друга страна, пак, од планинарското друштво „Х2О“ демантираат дека планинарскиот дом ќе се претвори во „мега ресторан”. Оттаму велат дека со договорот за петгодишна концесија склучен со ФПСМ е дефинирано дека планинарскиот дом на врв Водно ќе остане планинарски дом, а доколку според тој договор ФПСМ увиди некои отстапувања, договорот ќе биде прекинат.
– Ние сме најголеми противници за движењето на моторни возила кон врвот на планината, како планинарски водичи и инструктори вклучено во обуката на едукација на планинарски водичи и секој настан апелираме да не се користат моторни возила за искачување на врвот без разлика дали има настан или не. Иако не сме надлежни за рампата на Средно Водно, поднесовме барање до Град Скопје, кои ни дадоа информација дека проблемот ќе биде решен со продолжување на смената на чуварите на рампата на Средно Водно и полициска патрола по завршување на смената – велат од „Х2О“.
Исто така, тие додаваат дека со настаните кои ги организираат секој четврток, со ноќно искачување, мини предавања, трибини и дружење на планинарската заедница мотивирааат многу луѓе кои досега не се искачувале на Водно, да го посетуваат домот редовно.
– Со настаните придонесуваме за реставрација, ревитализација и реновирање на домот „Даре Џамбаз“ – велат тие.
Од Град Скопје не добивме никаков одговор поврзан со оваа ситуација.
Доколку сакате да ја поддржите иницијативата за укинување на пристап на моторни возила до врвот на Водно, петицијата може да ја потпишете на следниов линк. Петицијата е распишана на 16 јули, а досега вкупно гласале 1.088 скопјани – 1084 се за да се забрани пристапот со моторни возила до врвот на Водно, а само четворица се за да не се забрани.