ПЛАНИНАРИ Следниот викенд голема журка на Бегово Поле на 2.000 метри надморска височина ГАЛЕРИЈА
По паузата поради коронакризата, планинарите од Драчево ја продолжуваат традицијата почната во 2009 година. Најавена е добра музика и уште подобра забава под отворено небо.
По долг период тишина и неможност за забави, конечно имаме шанса да ги ослободиме мислите во ритмот на музиката. Планинарскиот клуб „Филип Чакаров“ од Драчево, по една година пауза, ја продолжува традицијата и од 25 до 27 јуни ја организира најголемата забава во земјава под отворено небо.
На 2.000 метри надморска височина, во прегратките на Солунска Глава, се наоѓа Бегово Поле, со своите прекрасни цветни и тревни пасишта. Токму на ова место ќе се случи „планинарско- журкастична“ собиранка, каде љубителите на природата и добрата музика ќе се сплотат во едно, под влијание на магијата која ја носи ова место само по себе.
Традицијата на оваа забава на отворено официјално почнува во 2009 година.
– Секоја година изненадуваме со различни бендови, а рок музиката е таа која преовладува – вели Ѓорѓи Чакаров, претседател на планинарското друштво „Филип Чакаров“.
Престојот е во планинарскиот дом „Караџица“, кој се наоѓа на падините на планината Мумџица, составен дел од планинскиот масив Јакупица, на 1.450 метри надморска височина. Домот има капацитет од 60 легла, а за љубителите на кампувањето има соодветен простор во дворот на домот, за поставување на шатори за стотина планинари.
Целта на забавата е планинарите да ги запознаат овие прекрасни предели во срцето на нашата татковина, но и објектите кои се оставени на милост и немилост.

Повеќе информации за настанот на следниот ЛИНК
(Автор на оваа содржина е Сара Митрички, учесник во обуката за млади новинари на редакцијата на Плусинфо)