ПЛАЌАМЕ МИЛИОНИ ЗА СТРУЈА БИДЕЈЌИ НИ НЕДОСТИГА УМ Вложувањето во странство е предавство за кое треба да се одговара

Експертите велат дека факт е дека најголемиот дел од енергетските капацитети во земјава се градени во времето на социјализмот, само два од нив се изградени од независноста. А тоа е резултат на тоа што енергетскиот сектор е зависен од политичките одлуки кои подолг период се на штета на вложувањето во нови објекти.

617

Македонија уште долго ќе биде енергетски зависна од увоз, иако се почнати или се во најава повеќе проекти кои можат да ја извлечат од тоа во иднина. Енергетската криза и честите испади на термоелектраните од системот го отворија прашањето колку земјава успева да опстане како енергетски независна.

Вложувањето во нуклеарката во Бугарија се изјалови, бидејќи нема најава дека ќе се гради, а она во гасната централа во Грција го чека финалниот договор. На почеток е и изградбата на историски најдолго најавуваната централа „Чебрен“, а гасната централа во Битола ќе чека да дојде прво гас од Грција па да се гради. Најавена е изградба на уште една гасна централа во Скопје како и гасификација на ТЕЦ Неготино, но и тоа ќе почека. Единствено што моментално се гради се фотоволтаиците во Осломеј и ветерни паркови. Земјава најави дека ќе се сврти кон обновливите извори, но сè уште е зависна од јагленот.






Експертите велат дека факт е дека најголемиот дел од енергетските капацитети во земјава се градени во времето на социјализмот, само два од нив се изградени од независноста. А тоа е резултат на тоа што енергетскиот сектор е зависен од политичките одлуки кои подолг период се на штета на вложувањето во нови објекти. Поради политиката земјава доцни веќе 10 години со изградба на стратешки енергетски објекти.

– Не дека немаме пари туку немаме ум и желба да го направиме тоа. За да се направи енергетски независна земјава треба да вложува во изградба на државни објекти дома, а не во странство што, според мене, е предавство за кое треба да се одговара. Повеќе од 40 години ништо не е изградено, освен хидроцентралите „Света Петка“ и „Козјак“ и комбинираната централа КОГЕЛ. За да бидеме енергетски независни треба да имаме производство колку што трошиме 1.000 мегавати дневно. Ова како производство може да се обезбеди од капацитетите што ги имаме сега, но хидроелектраните работат со капацитет од 30 отсто, а РЕК Битола само со еден блок и повремено со два. Значи треба да ги замениме со нови кои ќе обезбедат производство согласно потрошувачката. Тие треба да бидат на различен погон што ќе гарантира дека ќе има доволно и редовно производство – вели професорот Константин Димитров.

Според него, најдобро е да се градат гасни централи бидејќи се градат за пократок период.

– Гас веќе имаме, па на пример, може да се вложува во гасна централа во Железара, во Битола. Мислам дека е погодно таква централа да се изгради и во Тетово и во Штип. Треба да се гасифицира и ТЕЦ Неготино што требаше одамна да се направи. Ови централи главно се повеќенаменски и поефикасно го користат горивото. Од нив се добива и струја и топлинска енергија – вели Димитров.

Модуларните нуклеарки се совршено решение

Во однос на нуклеарките тој смета дека новата технологија на модуларни нуклеарки е совршена за земјава иако е поскапа за вложување, што ќе се исплати бидејќи нема потреба од почесто обезбедување на гориво. Гориво се обезбедува еднаш годишно или ако се потпише договор со инвеститор може да се покаже и како мошне оправдана вложување.

– Еве можеме да го земеме искуството на Романија која веќе реализира таква нуклеарка од американско производство. Договор има потпишано и Бугарија за таква нуклеарна централа – вели Димитров.

Тој смета дека ако државата вложува 100 милиони евра годишно во изградба на енергетски објекти досега ќе имаше изградено барем еден.

– За 7 години ќе беше изградена ХЕЦ „Чебрен“ која се проценува на 700 милиони евра. А ние што правиме, вложуваме во странство околу 200 милиони евра наместо да вложуваме дома. Со тие пари ќе се изградеше нешто дома, а сега ќе чекаме другите да градат и да не уценуваат со цената. За најавените вложувања во странство нема никаква студија, барем економска, и што се добива со тоа? Но главно сметам дека нема да станеме независни ако градиме во странство, а дома го разрушуваме и она што го имаме со што економски се ставаме на колена покрај веќе изгубениот идентитет – вели Димитров.

Александрополис е 25 отсто наш

Владата тврди дека презема сериозни, стратешки чекори во обезбедување на чисти, еколошки енергенси и зголемување на енергетската независност.

Во таа насока е и вложувањето во гасната електрана и терминал во Грција како и планот да се гради гасна централа во Битола. Планирано е и приклучување на ТЕЦ Неготино на гасоводот, како и вложувањето во фотоволтаици во Осломеј. Земјава пројави интерес и за учество во нуклеарната централа Белене во Бугарија.

– Проектот гасна централа и терминал во Грција се во напредна фаза на преговори, а вложувањето се очекува да се реализира по потпишување на договорите за реализација, во различни периоди кои се регулирани со самите договори од моментот на потпишување до периодот на финализација на договорите, согласно со обврските на секоја страна и условите за да се ефектуираат тие договори. Реализацијата на двата проекти ќе се одвива паралелно и нивно започнување со работа се очекува во тек на 2024 година – велат од Владата.

Земјава учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во „Александрополис“ која е 800 мегавати. Проценетото вложување во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра. Во вложувањето во гасниот терминал предвидено е да имаме учество од 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра. Терминалот за складирање и гасификација на течниот природен гас е со капацитет од над 5,5 милијарди кубни метри.

Со овие проекти како и со изградбата на гасоводот во земјава е поврзана и изградбата на гасни централи, но допрва ќе се анализирана можноста за користење на природниот гас како гориво за две нови гасни електрани во Битола и Скопје (Енергетика) со поединечна инсталирана моќност до 250 мега вати.

– За гасната централа во Битола е најавена изработка на Физибилити студија во наредниот период. Остварени се контакти со реномирани производители на опрема кои искажаа заинтересираност за можна соработка на поле на реализација на овој проект. За ТЕЦ Неготино, изработена е физибилити студијата за јавно-приватно партнерство и по внатрешните разговори во Владата одлучено е ТЕЦ Неготино да се соедини кон АД ЕСМ, и да функционира во иднина како дел од АД ЕСМ. АД ЕСМ треба да ги започне сите активности за гасифицирање на ТЕЦ Неготино во најбрз можен рок – велат од влада.

Нема абер од Белене

Земјава најави дека има интерес да биде дел од проектот Белене, проект којшто Бугарија неколкупати го најавуваше и откажуваше.

– Пред 2 години за нуклеарката Белене беше објавен оглас за пројавување на интерес на кој АД ЕСМ испрати пријава. Од тогаш нема никакви повратни информации од нивна страна кои се однесуваат на деталите околу начинот на реализација на овој проект-велат од Владата.

Од Владата информираат дека ХЕЦ „Чебрен“ веќе е издадена концесија за водата, а 9 компании се јавени за изградба

– Избран беше и меѓународно правен консултант за подготовка на тендерската документација за втора фаза, имајќи предвид дека станува збор за проект кој е проценет на 700 милиони евра и е еден од најзначајните за македонската енергетика. Предлог-тендерската документација од страна на правниот консултант е завршена, истата е доставена до Комисијата којашто ја спроведува постапката, која во соработка со правниот консултант треба да ја финализира и да ја достави до Владата со цел нејзино усвојување и доставување до квалификуваните компании. Откако ќе биде усвоена на владина седница истата ќе биде доставена до квалификуваните компании – велат оттаму.

Информираат дека се работи и еколошката студија за проектот.

Сепак, ништо од ова нема да биде готов објект во следните години, што значи дека и натаму големи пари ќе одат за купување струја од странство.

Поврзани содржини