Веста одекна како бомба. Најмоќниот човек во државата испратил писмо!
Едноставно, го „свиткал табакот“ и составил писмо со вознемирувачка содржина. Го испратил до соодветните адреси, но набргу неговата содржина осамнала во медиумите. Работата не била добра и предизвикала длабока разочараност.
По првичниот шок, во наредните денови целата нација зборуваше за Писмото. Највисоките државни функционери, еден по еден, се изјаснија за тоа кој го видел, а кој не. Во некои кругови паднаа обвинувања дека некој го сокривал писмото со денови од колегите, сè додека не го објавија медиумите.
Највисоките државни функционери, убедени дека критиките во Писмото не се однесувале на нив лично, со пиетет зборуваа за гестот на испраќачот. И тие би го напишале истото. Дури требало такво писмо да се испрати и многу порано. Содржината на писмото се анализираше од голем број институции. Најзасегнатите со денови го анализираа секој збор, посрамени и со неверување.
По неколку дена започнаа меѓусебни обвинувања меѓу елитите. Како било можно состојбите да се толерираат толку долго за да се навлече гневот на најмоќниот човек во државата? Зарем тој во минатото не обезбедил целосна поддршка за реформи, за вака да се изигра неговата доверба? Вршителите на високи функции во областите предмет на критика располагале со издашни буџети за да ги надминат евидентните слабости. Им биле обезбедени бројни обуки на кои можеле да учат од врвни професионалци.
Реалноста не можеше да се промени. Писмото беше тука, на маса.
Следуваше самокритика. Најзасегнатите одлучија да си погледнат во очи. Тие најдобро знаеја дека Писмото дури и благо го отсликува хаосот во нивното работење, непрофесионалноста, корупцијата, непотизмот и зависноста од одредени центри на моќ. Впрочем, знаеја кој што направил меѓу нив за работите да ескалираат до тоа дереџе.
Најискусните предлагаа радикална промена на свеста во сопствените редови, што би се рекло, „да се кренат за една скала повисоко“, за да не се тоа во што се беа претвориле. Секој требало да тргне од самиот/самата себе и решително да каже: „Ова не повеќе!“
Пораката во Писмото била едноставна – секој да си ја работи работата. Требало да се засрамат затоа што дозволите некој да им каже што треба да работат. Никој не им бара ништо повеќе отколку да си ја работат работата за која се платени со пари од граѓаните. Не требало да се прави фама од Писмото. Требало само интегритет, интегритет, професионалност и ништо друго. Писмото требало да се чита како упатство по кое треба да се постапува понатаму, за да не се скршне повторно од патот.
Паднаа и првите разрешувања на високи функционери. Најревносни во спроведувањето на процедурата беа нивните заменици. Веста ја пренесе и угледниот „Њујорк Тајмс“. Во наредните денови се очекуваа и други оставки. Оваа работа не можеше да се заташка без да летаат глави. Мораше да се покаже подготвеност за промени пред најмоќниот човек во државата.
Јавноста, иако очекуваше оставки, на почетокот веста ја прими со помешани чувства. Некои се прашуваа дали можеби гневот не се насочил кон личности најмалку виновни за лошите состојби. Негодуваа зошто морало да се тргне токму од „нашите“ и беа убедени дека станува збор за политичка хајка.
Сепак, Пандорината кутија беше отворена. Тргна лавината и немаше враќање назад. „Стариот“ очекуваше да се врати довербата во институциите кај широките народни маси. Најмоќниот човек во државата впрочем и ја темелеше својата моќ и легитимитет врз поддршката од своите поданици кои веруваа во неговите ветувања за посветла иднина доколку го следат неговиот пат.
Се разбира, ниту Писмото не помогна да се отстрани канцерозното ткиво од институциите потонати во корупција и подаништво кон одредени центри на моќ. Земјата тонеше во сé подлабока криза. Најмоќниот човек во државата постепено ја губеше моќта и контролата врз процесите во државата.
Ова не треба да чуди – неколку месеци пред да го испрати Писмото до членството и до работните луѓе во есента 1972 година, другарот Тито веќе беше влегол во деветтата деценија од животот. Иако зад Писмото застана највисокиот орган на тогашниот Сојуз на комунисти на Југославија, се зборува дека тоа било официјално усвоено најмалку еден месец по неговото објавување во белградска „Политика“.