PEUGEOT 408 Е НАЈПОСАКУВАН АВТОМОБИЛ ВО МАКЕДОНИЈА Наградени и Toyota Corolla Cross и Alfa Romeo Tonale
Плакетата „Златно тркало“ за особен придонес во промоција на Македониjа во светската автомобилска индустрија ја доби Славче Таневски, дизајнер кој веќе 10 години е дел од главниот тим дизајнери на Мерцедес Бенз и потпишува повеќе од 3 дизајни.
Peugeot 408 ја освои наградата „Златно тркало“ на четвртото издание на Изборот за најпосакуван автомобил во Македонија, што се одржа во вторникот во ресторанот Рагуза 360 во Скопје. По него следеа Toyota Corolla Cross и Alfa Romeo Tonale.
„Златно тркало“ е уникатен начин за избор на најпосакуваниот автомобил кај нас, преку гласање на целата јавност во Македонија која има пристап до интернет и до социјалните мрежи. Целиот избор започна кон крајот на минатата годината, по што се формираше листата за гласање во февруари оваа година.
Финалистите беа поделени во 3 категории и се избираше меѓу 8 автомобили. Повеќе од 40 објави на порталите и стотици содржини на социјалните медиуми, над 100.000 прегледи и повеќе од 45.000 следбеници креираа 12.875 гласања на официјалната страница www.zlatnotrkalo.mk, и се добија 3 победници.
Најпосакуван автомобил во Македонија за 2023 година е Peugeot 408. Тој освои 30,62% од гласовите. Плакетата ја предаде претседателот на „Златно тркало“ и главен и одговорен уредник на Авто плус, Влатко Кошевалиски, а наградата ја прими Ивана Манчева Михајловска, заменик на извршниот директор и маркетинг директор во Еуроимпекс.
Во категоријата Најпосакуван семеен автомобил со 30,49% од гласовите е избран Toyota Corolla Cross, а наградата ја прими Ана Трајковска, маркетинг менаџер во Тојота ауто центар.
Во категоријата Најпосакуван премиум автомобил со 35,64% од гласовите е избран Alfa Romeo Tonale, а наградата ја прими Ана Бураку, генерален директор на Аутомобиле СК.
– Оваа година за прв пат воведуваме едно признание, плакета која ќе ја добијат Македонци кои оставија траг во автомобилската индустрија во светот и оваа наша мала држава ја ставаат на глобалната мапа – велат организаторите.
Плакетата „Златно тркало“ за особен придонес во промоција на Македониjа во светската автомобилска индустрија ја доби Славче Таневски, дизајнер кој веќе 10 години е дел од главниот тим дизајнери на Мерцедес Бенз и потпишува повеќе од 3 дизајни.
Изборот е инициран од најстариот автомобилски медиум Авто плус во земјава, а во него во функција на организатори и презентери на моделите се јавуваат Авто плус, CARclub, Cars by Vik, RPM и БизнисИнфо.
Гласањето на централниот сајт www.zlatnotrkalo.mk започна на 15. март и траеше до крајот на месецот. Сите имаа можност да дадат глас за својот фаворит во сите 3 категории. Победниците беа објавени на 3. април, а во вторникот на 11. април беа доделени признанијата.