Петтиот пакет анткризни мерки заглавен во Собранието

Неизвесно е кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат изгласани законските решенија од пакетот анти-кризни мерки, како и другите точки усогласени на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа и со лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши за законот за државјанство.

349

Петтиот пакет анткризни мерки е заглавен во Собранието и нема најава кога претседателот на Парламентот Талат Џафери ќе свока седница.

Премиерот Зоран Заев тврди дека има пари во Буџетот за петтиот пакет мерки.






– Пари во буџетот има за реализација на петтиот пакет антикризни мерки. Буџетот е стабилен и има добра наплата и во Управата за јавни приходи и во Царината – изјави Заев. Најави дека се работи на шестиот пакет мерки кој ќе биде насочен кон угостителскиот сектор кој поради рестриктивните мерки не работи во овој период.

Во однос на завчерашните случувања во Парламентот, каде требаше да се донесе петтиот пакет антикризни мерки, Заев упати одговорите да се бараат кај претседателот на Парламентот, замениците и координаторите на пратеничките групи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека Талат Џафери како претседател на Собранието треба да најде начин со сите пратенички групи да создаде хармонија и да заврши една работа која е во интерес на граѓаните. Џафери, како што рече, може дома да се однесува своеволно, ама како претседател на Собрание треба да им служи на граѓаните.

-Работава не е игра, луѓето немаат плата земено, затоа треба Џафери да го постави на дневен ред потребното, а не да игра политиканство. Закони кои сакаат да ги поминат на насилен начин, закони во кои не се прифаќа ниту еден амандман. Или договореното на координациите не коресподнира со тоа што се случува потоа – рече Мицкоски.

Засега останува неизвесно кога ќе бидат одржани седниците на кои треба да бидат изгласани законските решенија од пакетот анти-кризни мерки, како и другите точки усогласени на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа и со лидерите на АА и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши за законот за државјанство.

По завчерашните повеќечасовни расправии за тоа како треба да продолжи да работи законодавниот дом, седница вчера не се одржа. На собраниската веб-страница следната пленарна седница – 39-та е закажана на 21 април, но на дневен ред не се пакетот антикризни мерки и усогласените прашања меѓу власта и опозицијата.

Поврзани содржини