Петрушев: Произведуваме квалитетни млечни производи, но не успеваме да го сочуваме „ладниот ланец“ до потрошувачот

Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора укажува на ситуации во кои правилата за соодветно чување на производите во маркетите или на други продажни места не се почитуваат, некогаш од страна на дистрибутерите, некогаш од страна на крајните продавачи, но има ситуации кога не се почитувани ни од самите потрошувачи.

576

Среќаваме ситуации во кои правилата за соодветно чување на производите во маркетите не се почитуваат, некогаш од дистрибутерите, некогаш од крајните продавачи или потрошувачи. Токму затоа, важно е самите потрошувачи да бидат запознаени со сите процеси што треба да претходат за да се добие производ со врвен квалитет. Доколку дојде до прекин на „ладниот ланец“, се скратува рокот на траење на кисело-млечните производи и доаѓа до промена на квалитативните карактеристики на производот.

Ова го истакнаа денеска од Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора.






Ѓорѓи Петрушев, претседател на Здружението рече дека во млечната индустрија, обезбедувањето висок квалитет на производите почнува уште од преземањето на сировото млеко од фармите, преку дистрибуцијата, па сè до нивното правилно складирање и чување во директните продажни места.

– Ова е особено важно за кисело-млечните производи, како што се јогуртот, киселото млеко, павлаката и други производи од овој тип, кои се температурно осетливи и за кои е задолжително, во целиот процес на производството, дистрибуцијата, продажбата, па сè до крајното сместување во фрижидер во домаќинствата, да бидат чувани во специфични услови. Токму овој процес се нарекува ладен ланец, а контролирана оптимална температура на целиот ланец е од 2 до 8 степени – рече Петрушев.

Петрушев вели дека има ситуации кога млечните производи не се чуваат соодветно и затоа е потребна едукација на потрошувачите.

– Среќаваме ситуации во кои правилата за соодветно чување на производите во маркетите или на други продажни места не се почитуваат, некогаш од страна на дистрибутерите, некогаш од страна на крајните продавачи, но има ситуации кога не се почитувани ни од самите потрошувачи. Токму затоа, сметаме дека особено е важно и самите потрошувачи да бидат запознаени со сите процеси што треба да претходат за да се добие производ со врвен квалитет. Доколку дојде до прекин на ладниот ланец, се скратува рокот на траење на кисело-млечните производи и доаѓа до промена на квалитативните карактеристики на производот – рече тој.

Според него, унапредувањето на млечниот пазар во земјата не подразбира исклучиво инвестиции во агроиндустрискиот комплекс, туку и континуирана едукација на сите засегнати страни во комплексниот процес на млекопроизводството, почнувајќи од фармерите и самите млеко-преработувачи, преку дистрибутерите и трговците, па сѐ до крајните потрошувачи.

Петрушев информира дека мерка бр. 4 од страна на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руруалниот развој, за набавка на висококвалитетни говеда, овци и кози, ќе влијае на подобри генетскиот материјал на сточниот фонд како и квалитетот на крајниот производ на пазарот.

Петрушев рече дека проблем за  преработувачите е и тоа што имаат  за 20 до 30 отсто повисоки трошоци но крајната цена на млекото останува иста поради намалената куповна моќ на потрошувачите.

– Во такви услови, кога и фармерите и преработувачите се соочуваат со поскапување на влезните компоненти, а не постои можност тоа да се компензира со зголемување на цената на крајниот производ, логично е да се бара интервенција од страна на државата преку пакет кризни мерки за оваа индустрија (забрзана исплата на субвенции, бескаматни кредити и сл.). Притоа, свесни за ограничената можност за ваквите интервенции, би барале целокупниот фокус да се насочи кон примарните производители на сурово млеко, затоа што тие се основа на која се потпира целокупната млечна индустрија -рече Петрушев.

Тој забележа и дека откупот на млекот со години се врши не спорет квалитетот туку  според количината.

– Моментално иако законската регулатива постои веќе со години, млекото се плаќа по количина – како литар течност, без оглед на квалитетот. На долг рок, и имајќи ги особено предвид нашите аспирации за влез во унијата, таквата состојба е неодржлива. Затоа е крајно време да заживее исплата на млекото според матрица на квалитативни компоненти (масти, протеини, сува материја, микробиологија, вода).
За да ова профункционира, потребно е да заживее цел еден систем на поврзани институции- земање мостри, проширување на капацитетот на лаборатории за испитување, национална лабораторија за супер контрола, регистар на фармери со историјат на производство и квалитет на истото, исплата на субвенции според квалитет – рече Петрушев.

Производството на млеко во земјата се карактеризира со голем број мали фарми – традиционални фармери (75% од вкупниот број) кои имаат нископродуктивни 1 – 3 крави со ниско годишно производство на млеко од 2-3 илјади литри по крава. Многу е мал бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави (околу 5% од вкупниот број) со висока продуктивност и годишно производство на млеко околу 5 илјади литри по крава. Само 3% од фармите имаат повеќе од 50 грла и треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми (репродуктивни центри).

 

Поврзани содржини