ПЕТРОВСКА ГО ТУЖИ КОВАЧКИ Стани Цаци да те види судот!

581

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, најави тужба против пратеникот Драган Ковачки од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за навреда и клевета, откако тој ѝ постави прашање за наводно криење имот во Радишани.

– За разлика од пратеникот, јас ги имам сите документи и последователни договори, од првиот ден до денеска, кои се водат на име на тој имот. Ова ќе го видите, зашто ќе дојде до вас, бидејќи ќе биде дел од тужбата што веќе ја спремив, а ќе ви биде поднесена за навреда и клевета – рече Петровска, обраќајќи му се на пратеникот Ковачки.






Таа додаде дека во тужбата се наведени сите докази и, како што кажа, апсолутно нема да има ништо против тој судски процес да го следи и јавноста.

– Има рок од три месеци, не брзајте. Ќе ви требаат уште три месеци да ги изанализирате овие официјални документи, вклучително и мапата и имотниот лист, за разлика од лажниот документ кој вие го поднесовте,. Тоа е евиденционен лист и сите знаат дека тоа не е јавна исправа. Имотниот лист е јавна исправа. Ќе ви каже адвокатот кој ќе си го ангажирате за оваа тужба и ќе видите дали ја зборувам вистината или не – рече Петровска, додавајќи дека тој имот на кој се води адресата што ја цитира Ковачки, не соодветствува со адресата на „хациендата“.

Петровска му порача на Ковачки  дека ќе треба да се извини и на семејството кое, како што посочи таа, „е совесен и чесен сопственик на тој имот и си ја има изградено“.

На денешната седница во Собранието пратеникот Ковачки постави ја праша министерката за одбрана Славјанка Петровска дали според податоците во нејзината лична карта адресата на живеење и е иста со адресата на луксузната хациенда со базен во Радишани.

– Ова е анкетниот лист што го има доставено министерката Славјанка Петровска до ДКСК и тука нема пријавено никаков имот. Има пријавено само два кредита и кредитни картички. Во 2007 година, на парцелата којашто неспорно била во сопственост на министерката Петровска, гледате, дека нема никаква градба. Во 2009 година на таа парцела веќе гледате дека има куќа,  бесправно изградена, без потребната градежно техничка документација. Веднаш после тоа на лице место излегуваат лица од катастарот, прават увид и го запишуваат имотот на име на министерката Славјанка Петровска. Во 2012 продолжува дивото градење на објектот и гледаме дека тука веќе е изграден базен. 2016-та е последната година кога е градена дивоградбата. Гледаме дека дополнително е изграден уште еден објект на местото во сопственост на почитуваната министерка. Министерката имаше и прес каде што кажа дека продала некое земјиште, но со цел да ја покријат нејзината лага, веднаш на помош го побараа и директорот на Катастар, којшто кажа дека земјиштето неспорно до 2020 е во сопственост на министерката. Значи, Петровска вели пред едно десеттина години го продала имотот, но директорот вика до 2020 година тој е во нејзина сопственост, а податоците од Катастарот велат дека се уште е во владение на Петровска. Пред мене имам сметка за вода, која што гласи на името на таткото на министерката со адреса на луксузната хациенда. Дали според податоците во вашата лична карта адресата на живеење ви е иста со адресата на луксузната хациенда со базенот во Радишани? – праша Ковачки.

Второто прашање на пратеникот Ковачки беше упатено до премиерот Димитар Ковачевски, а се однесуваше на тоа дали планира да достави предлог за разрешување на министерката за одбрана Петровска. Ковачевски нагласи дека нема да побара никаква одговорност од неа, бидејќи според него „таа е еден од најдобрите министри кои ги има Владата и најдобрите министри за одбрана во историјата на нашата држава“.

– Таа управува со Министерство за одбрана на земја членка на НАТО и тоа управува на начин оценет со највисоки оценки од сите земји членки на НАТО. Тоа може да се види во сите извештаи кои се наоѓаат во централата на НАТО во Брисел – рече Ковачевски.

Поврзани содржини