Петличковски: Први во редовите за вакцинација треба да бидат хроничните болни и највозрасните граѓани
Во однос на вакцината на „АстраЗенека“ за која се појавија некои контроверзни информации за појавата на тромботички случаи кај некои луѓе, Петличковски вели дека испитувањето на безбедноста на вакцините продолжува постојано.
Директорот на институтот за имунобиологија и хумана генетика, др Алескандар Петличковски, во вечерашната Топ Тема оцени дека хроничните болни се токму категоријата граѓани кои треба најмногу да ја бараат вакцината, затоа што доколку кај нив се појави ковид-19, шансите болеста да се развие во потешка форма се поголеми.
– Хроничните болни се оние кои треба да бидат први во редовите за вакцинација и таква е и нашата стратегија – изјави Петличковски.
Во однос на контраиндикациите на вакцината, тие се многу малку и вакцината не треба да ја примат само луѓето кои имаат потврдена алергиска анафилактичка реакција на компоненти на вакцината, додава Петличковски.
Во однос на вакцината на „АстраЗенека“ за која се појавија некои контроверзни информации за појавата на тромботички случаи кај некои луѓе, Петличковски вели дека испитувањето на безбедноста на вакцините продолжува постојано.
– Во моментот кога се појавија неколку случаи кои отстапуваат од очекуваното, тие се предмет на истражување.Затоа имавме недела дена застој во користењето на „АстраЗенека“, додека не се расчистија случаите во Австрија, Хрватска, во Бугарија, пријавени некакви тромботички случки, во Британија. Заклучокот од тие истражувања беше дека вакцината не е директно поврзана со тромботичниет настани и бројката на тромботични настани на бројка од 17 милиони вакцинирани луѓе во Велика Британија и 37 тромботични настани, не е различна или поголема од општата популација на невакцинирани луѓе – рече Петличковски.