ПЕТАР ГОШЕВ Од диктатура на пролетеријатот до диктатура на ограбениот капитал (уште неколку лекции од случајот „Евростандард“)

10,939

Три децении трае нашава „голема транзиција“ од социјализам кон капитализам. Започнувајќи го тој пат, смислувавме разни термини да го одбегнеме зборот „капитализам“. Да не каже некој дека се враќаме на „диктатот на капиталот“. Дел од нас го правевме тоа зашто, сепак, верувавме дека тоа нема да биде „старото капиталистичко општество“, нерамноправната борба меѓу сопственичката и несопственичката класа, старата неподнослива нееднаквост. Другиот дел, пак, веројатно, зашто сѐ уште не веруваше дека „превратот“ дефинитивно ќе се случи. „Се чуваше’’ од етикетите „ревизионисти“, „ренегати“ и слично. Не сакаа да бидат „рушители“ на, со револуцијата, востановените „столбови“ за правдата, еднаквоста, братството, хуманизмот… како главни белези на „очовеченото животно“. А во таа идеолошка матрица, нели, немаше место за „диктатурата на капиталот“.

За именување на наводно новата визија најчесто ги употребувавме термините „демократски социјализам“, „социјализам со човечки лик“ – последниов понуден на политичката трпеза од „себичните“ Словенци, кои, пак, го имаа присвоено од интелектуалците од централно-источните комунистички држави. Иако и двете јазични кованици беа еднакво празни од каква и да е нова и сфатлива содржина која ги одвојува од основните белези на нашето дотогашно општество и од оние на постојното западно-европско, вторава кованица беше помалку популарна во Македонија. Веројатно зашто доаѓаше од „најсепаратистичките“ и „најревизионистичките“ Словенци, клише наметнато од српската пропагандна машинерија. Мнозинството, пак, во Македонија, барем до определен момент, беше повеќе на страната на „браќата“ Срби, кои сѐ повеќе сакаа гореспомнатите да бидат „исклоцани“ од Југославија.






Како и да е, комунистичкиот вокабулар на основните компоненти на дотогаш „најхуманото општество“ му отстапи место на (нео)либералниот „арсенал“: „правна и непартиска држава“, „неприкосновена приватна сопственост“, „слободен пазар“, „граѓани еднакви пред законот“ независно од верата, имотот, политичко уверување, полот, сексуалната ориентација… Зборовите „класи“, „класно општество“, „сопственици-несопственици“ на средствата за производство и слични „трици“ ги избришавме како ронки од трпеза која останале по посета на гладна војска.

И, ШТО СЕ СЛУЧИ?

Се случи „стампедо на заграбување капитал и имот“. Слободата и правото поединци да поседуваат капитал и имот без ограничувања, се претвори и во „слобода“ на неограничени начини за присвојување капитал и имот. Во рамките на вторава „слобода“, почна да доминира најочигледниот грабеж, бруталната кражба како во добата именувана како „првобитна акумулација на капиталот“. Кој сака да гледа со отворени очи и ум, тешко може да превиди дека од де факто непостојната „диктатура на пролетеријатот“’, влеговме во де факто „диктатурата на ограбениот капитал“. Владетелите на така стекнатиот капитал, завладееја целосно со уставно-дефинираните институции, или самите тие ги обликуваа според сопствениот „мерак“. Стана раритет јавен функционер да не се заплетка во нивната мрежа, да не стане дел од неа, а сѐ поосамените обиди на поединци да им се спротивстават се претворија во нивно измачување.

Еден од можните прикази на движењето кон новата диктатура би бил овој:

По првиот масовен грабеж на туѓото (1945-1955), изведен во име на „комунистичката хипотеза“ (Ален Бадју) и/или „диктатурата на пролетеријатот“ и со примената на правните институти, какви што се национализацијата, експропријацијата и концептите за колективизација, задругарство, централно планско планирање –  состојба која, со тековните модификации, траеше близу половина век – влеговме во етапата на вториот голем грабеж – во процесот на реприватизација и приватизација на речиси сѐ што е општествено/државно.

Првиот грабеж е извршен со партиски декрети донесени од божемно „народни“ органи и тела, во суштина „револуционерни комитети“. Вториот грабеж, иронијата да биде поголема, беше извршен со одлуки (закони) донесени од какви-такви претставнички тела на народот, што значи под превезот на „правната држава“ – така,  на мнозинството нови сопственици, нема(ше) „правна“ основа постојано да им се „попува“ дека било што присвоиле незаконски.

Истовремено со одвивањето на вториов грабеж и по него, се одвиваше и се омасовуваше третиот голем грабеж – ограбувањето на годишните буџети на државата (и централниот и општинските); заграбувањето на националните природни богатства – преку багателни концесии за руди, каменоломи, извори на вода, пасишта, земјиште, инвазија врз бреговите на езерата и речните корита; се вршеше бандитско запоседнување на централните градски подрачја, на парковите – де факто на сите добра од витално значење за животот на секој граѓанин, поради што по самата природа, од секој аспект, императивно им припаѓаат на сите во општеството. Се случи и продажба на клучни инфраструктурни капацитети на странски држави и државјани, поради коруптивни мотиви и неразбирање на процесот на глобализација; се одвиваа огромни даночни евазии пред очите и со помош на најодговорните државни органи; сведочевме најганстерско преземање на туѓи фирми преку ставање во целосен личен интерес на државни органи – министерства, агенции, државни и општински инспекции, полиција, судови итн.

Третиот голем грабеж најголемиот интензитет го доби во периодот 2006-2016 г. Во намерата грабежот да продолжи не се бираа средства. Кликата на ВМРО-ДПМНЕ, којашто ја зароби државата (која патем речено никогаш не била граѓанска, но барем во обид) ни издизајнира и нѐ смести во висински ПАНОПТИКУМ – да ѝ позавиди и самиот Џереми Бентам. Изведе два обиди за државен удар – двапати тепаше пратеници во парламентот, заедно со новинари (24 декември 2012, 27 април 2017). Го започна и најопасниот потфат – обидот за избувнување меѓуетничка војна; нарачан и платен проект, со почеток во кумановското „Диво насеље“ – настан што проголта осум млади животи и осакати/инвалидизира близу четириесетина припадници на полициските безбедносни служби на Македонија (откако ги разбудиле од сон во мугрите на 9 мај 2015., и ги довеле пред кланица, без да знаат кој и што ги чека); настан за кој никој од домашните организатори не понесе одговорност. Оставките на С. Мијалков и на Г. Јанкуловска, изнудени од „странците“ кои совршено ја знаат заднината на сето тоа, не се никаква одговорност за такво дело. Ужасно! Грозоморно! Неопростливо!

Третиот голем грабеж на „народниот имот“ требаше да биде прекинат или, барем, драматично намален од „новиот“ СДСМ – кој со пресудната помош од најдоброто во активното македонско граѓанско општество, кристализирано во таканаречената „Шарена револуција“, како и со помошта (веројатно пресудна) од „подобрата рака“ на неколкуте највлијателни „наши партнери“ од Западот, нашиот „национален респиратор“, го натокми потребниот број пратеници за трансфер на власта. Падна најголемиот симбол на третиот голем грабеж, Бегалецот – организаторот на „заробената држава“. Но, по кој знае кој пат се потврди (повторно Бадју) дека симболот (во случајов, на злото) може да биде отстранет, но не и функцијата која го произведува. Грабежите продолжија. Навивачите ќе крикнат, помалку! Можеби! Но, разлика која не прави доволно разлика не е разлика.

ЗОШТО ОСТАНА ФУНКЦИЈАТА?

Минимум задоволителен одговор на ова прашање бара повеќе квалитетни политичко-социолошки анализи. Здраворазумски, не е тешко да се замисли какви поттици произведуваат кај луѓето таквите „планетарни“ преселби на имотот од едни во други раце – невтемелени на трудот и на знаењето.

Но, во секој случај, и старите и новите корени на проблемот лежат во длабоко втемелената „рушвет култура“ – таложена пред создавањето на Државата и надградувана по нејзиното создавање. Во компонентите на „рушвет-културата“ од период до период има промени. Но, суштината и последиците се секогаш исти. Суштината е нечесно да се стигне до целта, последиците се општеството во беда – материјална и духовна.

Во периодот на „диктатурата на пролетеријатот“, значи меѓу првиот и вториот голем грабеж, една од главните компоненти на „рушвет-културата“ беше т.н. „морално политичка подобност“. Треба да си на „линијата“ на оние „од горе“ за да можеш да напредуваш. Класичен духовно-материјален бартер: продавам сопствено јас, за работно место или функција. Елитите во тој систем, од материјален аспект, останаа релативно некорумпирани. Но, преку неефикасниот систем, како што вели Дејан Јовиќ („Југославија – држава која је одумрла“), ја поттикнуваа корупцијата на масите. „Цела мрежа на приватни ‘врски’ ја прекриваше земјата: секој имаше свој лекар или автомеханичар, месар и судија…“, кои си помагаа да си ги решат потребите без да платат за услугите, кои инаку, државата не беше во состојба да ги решава.

Тенките пликови од претходниот систем се заменија со вреќи и со торби. Се изродија плејада „бизнис-персони“ кои се подготвени да ви објаснат сѐ, само ако не ги прашувате за првиот/првите милиони. Се изродија многу премиери, министри, раководители на јавни институции и претпријатија кои, пред доаѓањето на функциите, беа еднакви со црковните прислужници, а по напуштањето на функциите рамни на најбогатите во светскиот џет-сет клуб. Двете структури ги запоседнаа институциите, ги збришаа малите делови и остатоците од професионалната бирократија и го ставија целото општество под свое.

БИЗНИСМЕНОТ ОД ОФ-ШОР ДЕСТИНАЦИЈАТА

Една од спомнатите „бизнис-персони“, која веројатно сѐ би ни објаснила во детали, само не и за „првиот милион“, е и акционерот на затворената Евростандард банка. НБРМ во 2001. издала дозвола за работа на Евростандард банката. Кога ја издала дозволата, акциите на фирмите основачи (Гофи, Истерн Хемисфер и на третата не се сеќавам), гласеле на доносител: ги криеле имињата на сопствениците. Тогаш НБРМ не требало да му даде согласност за Банка, зашто идентитетот на акционерите мора да е целосно познат. Ако било така, денес не би го имале проблемот со залутаниов во банкарството. Подоцна НБРМ утврди дека Гофи-фирмата (акционер со 50% во Банката) е некој Trust Fund – Santara Trust. Негов повереник, пак, бил друг Trust, R&H, основан во оф-шор зоната Guernesey – сместена на Британски остров.

Нема да правам претпоставки зошто гласниот акционер ги засолнил своите пари во некој „даночен рај“, и на почетокот го криел својот акционерски идентитет, како што тоа го прават бројни светски „итромани“ или манипулатори, па чекал да поминат 28 години, и потоа „од патриотски“ причини решил да вложи во Македонија. Соопштувам само еден факт. Од овој акционер никогаш и ништо немам побарано. Многу сум селективен, а тој според ниту еден критериум не може да биде таква адреса. Не сум ниту МАНУ ниту институција од областа на културата, ниту сум имал списание, весник, портал, што поради скапаната држава дошле во ситуација да бараат „донации“ од вакви лица, за потоа, како МАНУ, на пример, јавно да морам да му се оддолжувам, на не баш достоинствен начин. Вистината е дека тој од мене побара поддршка, пред мојот прв текст, па откако го прочита, почна да пелтечи сѐ и сешто.

АКЦИОНЕРОТ И ОШТЕТЕНИТЕ ШТЕДАЧИ БАРААТ ОБЕСШТЕТУВАЊЕ

Барањето на акционерот, да не е трагично, би било смешно. Наместо тоа, тој треба да добие најмалку три кривични пријави: првата од НБРМ, според Законот за банки, зашто тој со уште некои други, предизвикал стечај на банка; втората од раководството на НБРМ (како поединци и/или колективно) коешто ги обвинува за „заговор“ против него, со некого, а за што немал докази, со што атакува врз нивниот углед како професионалци и луѓе со интегритет; третата кривична треба да му ја поднесе Здружението на банките, затоа што изјавува дека наводно имало „полоши банки од неговата“, а НБРМ не преземала такви мерки. Доказите за спротивното се големи како планина. Ширењето лажни вести и евентуална паника во една осетлива област, не траба да помине така.

Барањето на оштетените штедачи да бидат обештетени над законскиот износ не е нелегитимно. Но, да расчистиме неколку важни работи.

Прво, во оваа прилика тие не се „измамени“ од државата. Измамниците се акционерите и работоводните тимови на банката. Државата јасно определила и јавно обзнанила до кое ниво врши обештетување на штедни влогови.

Второ, НБРМ, како конкретно надлежна институција за областа банкарство, не ги довела во заблуда изјавувајќи дека „банкарскиот систем е стабилен“. Тоа, едноставно, е факт. Ниту еден банкарски систем во светот не може да биде квалификуван како нестабилен затоа што по некоја банка, одвреме-навреме (како приватен субјект на пазарот) банкротира, без разлика на разбирливата болка на оштетените штедачи. Замислете систем, во кој државни функционери одговараат затоа што некој пазарен субјект во која и да е област, макар и во најрегулираните, банкротирал, се разбира доколку нема јасна инволвираност, докажана, дека се работи за вмешаност во криминална активност. Таква држава не би имала функционери. Може да има авантуристи.

Трето, барањето на оштетените штедачи за стопроцентно обештетување е легитимно, но државата треба да оцени колку е целисходно, одржливо.

Ваквото барање наметнува неколку прашања:

Прво, оди ли заедно, во систем на пазарна економија, кај приватни субјекти, цементирање на принципот „целосно приватно присвојување на ќарот – целосно државно покривање на зијанот“, кој не настанал од елементарна непогода? Пред какво искушение би биле доведени приватните газди?

Второ, кога ризикот кон штедачите стопроцентно би го презела државата (не само во овој случај) како би се однесувале банките во поглед на маргината што произлегува од односот активни-пасивни камати? Би делеле ли тие понеодговорни кредити и би плаќале ли повисоки камати на депозити само и само да добијат повеќе клиенти? Каква нерационалност и ризици во системот би произлегле од тој пристап?

Трето, доколку власта одлучи стопроцентно да ги обештети сите штедачи во Евростандард, треба да каже дали тоа ќе важи за сите евентуални такви случаи, или ако не важи, да образложи зошто тоа, евентуално, би го направила во овој конкретен случај. Јавноста треба да ги знае подолгорочните правила на системот, за да може да го адаптира своето однесување согласно поттиците на системот.

СЕПАК, МОЖЕ ЛИ ДА СЕ НАМАЛАТ РИЗИЦИТЕ ВО ОПШТЕСТВОТО?

Може, но тоа уште долго, долго нема да се случи.  Еднопартискиот систем не ја укина партиската држава. Варијантата на нашиот  повеќепартиски драматично  ја продлабочи и ја прошири. Системот на поделена власт (институционализиран со Уставот) со очекуваните checks and balances, не само што не се подобрува, туку се влошува. Парламентот де факто не постои. Неговите членови се вработени кај „царот“. Судиите се спикери. Читаат туѓи пресуди напишани надвор од судниците. Огромен број судии, адвокати, правници се вклопуваат во една дамнешна изјава на еден српски академик, на која деновиве ме потсети еден пријател: „Свака крава, па и наша, студира права“. Пресудите се купуваат со пари, со позиција во судството, со купување сведоци и пратеници за обезбедување парламентарно мнозинство. Оваа состојба судовите ја потврдуваат секој ден, а фијаското на сите големи предмети од неславно пропаднатото СЈО е доказ над доказите. Затоа денес во Македонија е поисплатливо да кршите закони отколку да ги применувате.

Во земја во која хулиганите не се во затвор, туку се на слобода, на државни функции или, пак, се први бизнис и друг вид партери на највисоки државни функционери, земјата станува затвор. Во 2007 двајца хулигани организираа тримесечна хајка против мене зашто на едниот не му подарив државни пари, а кон другиот го применив законот. Третиот, четиридецениски бандит постојано во и со власта, и попрефриган, само во четири очи ме предупредуваше што може да ми се случи. Денес, еден тежок „елебак“, веќе два месеци го тормози раководството на НБРМ, зашто, исто така, го применило законот.

Од повеќе извори разбрав дека на раководните лица на НБРМ и пред и по затворањето на Банката им биле упатувани тешки закани и заплашувања. Од нив не чув јавна изјава за тоа. Ако е точно тоа, а извориве не ми се неуверливи, тие треба јавно да проговорат. Ако не говорат нападнатите, говорат напаѓачите како „црви’’, секогаш  натопорени пред леш што се распаѓа.

Земјата е во длабока олигопсихија, во длабок дефицит на етички капитал. Моделот долго време се лансира од врвот на Државата. Тој врв долго време е „business oriented“. Зафатен е со креирање монополи и олигопсони во сите области на економијата, така што сите членови на нивните семејства и поблиската родбина не се доволни да ги покријат извршните и контролните функции во нив. Но, не очајувајте! Заев и Ахмети, во заедничката владина програма се договориле, да работат според Уставот и да не именуваат корумпирани кадри! Замислете! Каков договор! Првиот резултат стигна. Се согласија, меѓуетнички, да се урне дивоградбата кај Мавровка.

ОГЛАС

Се надевам Героски нема да ми го наплати.

Имено, штом ќе спомнам нешто за арамиите и за измамниците од сите бои, со години одговорот на тоа е: „А ти, ти имаш куќа“! Искрено да ви кажам, веќе ми се смачи од куќата. Иако во неа има труд на три генерации и, досега, осум можни наследници од мојата потесна фамилија, објавувам дека во мојот тестамент за оставнината ќе запишам дека му ја подарам на некој од најголемите измамници во земјава. Нека си пополни уште некоја ситна празнина. Само под еден мал услов: измамниците да формираат здружение и со јасни критериуми да го изберат потенцијалниот наследник. Па, ете, нека му е на здравје!

Петар Гошев 06.10.2020

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани содржини