Можни решенија за обештетувања земјоделци, кои останале необештетени за настанати штети од невремето во општините Гази Баба и Арачинови во 2016 година и во 2018 година, е резултат од средбата на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство, Арјанит Хоџа, со Аднан Ајрула и уште неколкумина други претставници на Организацискиот одбор на протести на земјоделците од двете општини.
Од Владата информираат дека на средбата е договорено, утре, на владината седница, да биде утврдена постапката за обештетување на необештетените земјоделци од невремето во 2018 година, преку иницирање измени и дополнувања на Законот за заштита и спасување, што понатаму ќе оди на усвојување во Парламентот. За мал број необештетени земјоделци од невремето во 2016 година, е договорено правни експерти во Владата да ги разгледаат предметите и причините поради коишто досега било невозможно да се реши прашањето, со цел да се утврди дали има правен основ за решавање и на ова прашање.
– Има волја кај Владата да се изнајдат решенија за посочените прашања и има и пари во Буџетот за оваа намена. Клучно е да се утврдат можностите за обештетување согласно закон и сега сме на тоа посветени – рече премиерот Заев.