ПЕСКОВ НЕГИРА ДЕКА РУСИЈА ГО САБОТИРАЛА ЛЕТОТ НА ФОН ДЕР ЛАЈЕН „Вашите информации се неточни“
„Фајненшл тајмс“ претходно денеска објави дека наводен руски напад со попречување ги оневозможил услугите за ГПС навигациски услуги на бугарскиот аеродром во Пловдив.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков денеска негираше дека Русија е вмешана во техничкиот дефект што се случил за време на слетувањето на авионот во кој се наоѓаше претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен.
– Вашите информации се неточни – изјави Песков за новинарите, пренесува Газета.ру.
„Фајненшл тајмс“ претходно денеска објави дека наводен руски напад со попречување ги оневозможил услугите за ГПС навигациски услуги на бугарскиот аеродром во Пловдив.
Портпаролот на Европската унија денеска потврди дека Глобалниот систем за позиционирање (ГПС) на авионот на претседателката на Европската комисија бил попречен за време на нејзиното вчерашно патување во Бугарија, како и дека тој слета безбедно.
– Можеме да потврдиме дека имало ГПС попречување, но авионот слета безбедно во Бугарија. Добивме информации од бугарските власти дека се сомневаат дека тоа се должи на очигледно руско попречување – изјави портпарол на ЕУ, пренесоа британските медиуми.
Бугарската влада соопшти дека ГПС сигналот бил изгубен кога авионот на Фон дер Лајен се приближил до Пловдив во јужна Бугарија, што ги натерало контролорите на воздушниот сообраќај да се префрлат на системи за навигација на земја за да обезбедат безбедно слетување.
Инцидентот се случил додека Фон дер Лајен била на четиридневна турнеја низ земјите-членки на ЕУ што граничат со Русија.