Перспектива или „загадени умови“
Сега сакам да ги прашам оние гласни противници на рудниците кои неаргументирано заплашуваат народ и докажано шират дезинформации: Подготвени ли сте да преземете одговорност сега? Ќе ги платите ли вие овие 450 милиони долари?
За да можеш да говориш за екологија мора секогаш да знаеш дека почетокот е кај Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет и од Технолошко-металуршкиот факултет. Денес, еден од нашите најнапредни експерти, иако млад, а стручен за металуршки процеси посебно во делот на екстрактивната металургија и хидрометалургијата за добивање ретки и обоени метали, професор на Мурдох Универзитеот во Австралија, Александар Николоски ми вели:
„Сите рудни ресурси, секаде во светот треба да се бараат, произведуваат и користат секогаш кога има соодветна технологија за тоа, и од тоа државата и индустријата да имаат корист за да се создаваат подобри услови за живот на населението.“
Затоа.
Изјавата на претседателот на Владата на Македонија (премиер) г-динот Христијан Мицкоски дека Македонија ќе мора да плати 450 милиони долари (420 милиони евра) откако изгубила на меѓународен арбитражен суд веднаш мора да го загрижи секој граѓанин на оваа наша мила преубава држава.
Премиерот Мицкоски не се изјасни јасно за кој случај од меѓународна арбитража станува збор, но според процените на средствата кои ги побарува една странка во процес против Македонија, се шпекулира дека станува збор за рудникот Казандол.
Мора да потсетам, дека на последиците од една ваква пресуда одамна предупредував додека оние лажни еко активисти со цел да си ги прикријат своите вистински антимакедонски активности тврдеа дека сѐ било само „блеф“, дека немало правни основи и сѐ било со цел да се заплашува народот.
Епа еве, стана јасно дека никој не блефира, туку останавме и без рудник и без пари или што би се рекло останавме по куси ракави и тоа среде зима. Наместо современ комплекс со најмодерна рударска технологија, високо платени работни места и свежи приливи во буџетот, државата ќе треба да плаќа огромни суми пари поради одењето по паметот на луѓе кои ем ништо не знаат од екологија ем не ѝ мислат ништо добро на Македонија.
Цехот од самоволието на дел од политичарите и немањето визија како да се искористи богатиот рударски потенцијал за доброто на сите граѓани, за скоро ќе биде испорачан. Па сега сакам да ги прашам оние гласни противници на рудниците кои неаргументирано заплашуваат народ и докажано шират дезинформации: Подготвени ли сте да преземете одговорност сега? Ќе ги платите ли вие овие 450 милиони долари?
Оваа пресуда треба да биде освестувачка за секој од нас, особено оние кои ги носат одлуките дека по паметот на секој кој се декларира како еко активист не треба да се оди затоа што на крајот сите нас тоа скапо нѐ чини. Да отвориме очи, да ги видиме фактите од секој аспект – еколошки, економски, геостратешки, па потоа да пресекуваме.
Ова особено имајќи предвид дека против Македонија се водат уште четири други арбитражни постапки од компании од рударската индустрија, а виси уште една потенцијална. Арбитража за потенцијалниот рудник „Иловица – Штука“ е можна во секој момент. Пресуда против државата која може да има разорно дејство за буџетот. И за овој случај најгласниот меѓу лажните еко-активисти и главен политикант вели немало основа. Ќе го послушаме и за овој случај, па да нѐ кошта една милијарда евра, хм!?
Неодговорните изјави на „загадените умови“ го исплашија народот дека секој рудник кога ќе се отвора тоа значи смрт за нив и за нивните деца.
За жал овие „загадени умови“ наместо во перспектива Македонија ја туркаат во неподобна држава за инвестирање и уште понеподобна за нас граѓаните кои сакаме држава во која бараме функционирање на основните човекови права, системот да не се поигрува со нас, да можеме да добиеме пристојно здравство и образование, да можеме да одиме расположени во трговски центри на потрошувачки викенди како овој што помина, а за тоа да имаме пристојни плати и на крајот да си ги сочуваме нашите деца во оваа прекрасна раскрсница мултикултурна и мултирелигиозна, ама и мулти инфраструктурна.
За да можеме да го уживаме сето ова за нас како граѓани воопшто не е важно кој е премиер, туку кој ќе нѐ заштити од брзорастечките „загадени умови“ кои поради својата надменост и политика „гледај исклучиво за себе и не подалеку од носот“ нѐ доведоа во ситуација секој граѓанин на Македонија да мора да ја плати цената на лудоста и ароганцијата од буџетот на Македонија.
Повеќе во следната колумна со детали за одредени дејанија.
П.С. Една препорака до сите „загадени умови“: да ве предупредам дека имате нанесено многу финансиски зулум кон сите граѓани на Македонија и ви препорачувам да си го осознаете соодветниот израз кој се однесува само за вас „Ситуацион критизуар!“
Да живее Македонија!