Перење мозоци без детергент

Наместо да се вадат чипови од машини за перење, можеби време е да се извадат политички чипови од главите на бирократите во Брисел. Лажење, двојни стандарди, бескрупулозни уцени – не смеат да бидат дел од демократија.

591

После 13 години верно слугување, мојата машина за перење реши да стапи во штрајк. Навикнат на интеракција со Вештачка интелигенција, пробав со разговор – да ја убедам да си ги доврши обврските. Но добив само молк. И си велам: ти си само за на боиште во Украина, да ти ги извадат чиповите и да те претворат во руски тенк. Па да те видам после…

Машината навистина ми се расипа. Но муабетот погоре има иста вредност како оној на Урсула фон дер Лајен: „Русија вади чипови од машини за перење за да ги поправи тенковите.“






Да, сериозно го рече тоа. И уште посериозно – следуваше аплауз. Готова е работата, санкциите „успешно“ функционираат. Ако не видев со свои очи и не чуев со свои уши, ќе мислев дека е политичка сатира. Но не е. Тоа е само површен обид за потценување на интелигенцијата на граѓаните на ЕУ.

Чипови, неон и геополитичка реалност

Да почнеме со фактите. Русија не е технолошка пустина. Таа сама произведува околу 30% од глобалната залиха на неон – гас критичен за процесот на фотолитографија во производството на полуспроводници. Заедно со Украина, контролираа дури 80% од пазарот пред конфликтот. Денес, со оглед на тоа дека Русија де факто контролира дел од Украина, процентот е нејасен – но останува висок.

Кина, пак, е трет најголем производител на чипови во светот, со логистичка блискост и стратешки партнерства со Русија. Практичните Kинези на оваа војна гледаат како на одложување на еминентните закани кон нив. А глобалната зависност „јас тебе неон, ти мене чип“ се протега и во Тајван, Јужна Кореја, Јапонија, Индија и во Финска… И секако значи дека „снемување“ на чипови е мит со посебна намена, кој би требало луѓето што ја водат Европа да го знаат. Затоа, идејата дека Русија расклопува перални за да ги оживее своите тенкови е не само технички неточна, туку и политички манипулативна. Но ете – следуваше аплауз. Веројатно има нешто во она психолошко објаснување наречено „ехо на себе-поддршка“ – кога почнуваш да веруваш во својот избор, иако знаеш дека си погрешил.

Европска дисциплина, но само во кажување приказни

Професорот Џефри Сакс, некогашен архитект на посткомунистичките економии, денес е гласен критичар на западната пропаганда. Во јавни настапи, тој тврди дека санкциите против Русија се „неефикасни и со бумеранг ефект“ – повеќе ја осакатија Европа отколку Москва. Според него, нарацијата за „победа“ врз Русија е илузија, систематски конструирана за да се одржи дисциплина во јавниот дискурс. Вистината, вели тој, е жртва на геополитичкиот маркетинг. И веројатно е во право. Погледнете што се случува во Европа.

Во една војна во Украина двапати падна владата во Франција, а државата „успешно се искачи на долг кои изнесува 115% од БДП“. Значи цела година да работи цела Франција, за да должи „само 15%“ – под услов никој да не јаде.

Кога лагата станува очигледна

За оваа колумна избрав една очигледна и проверлива лага. А ги има – на ангро! Граѓаните не се наивни. Кога политичарите им сервираат апсурдни објаснувања – како перални што стануваат тенковски делови – тие не само што се навредени, туку и се радикализираат. Либералниот естаблишмент во ЕУ за кој е важно правото на некој да се чувствува како куче (освен ако се чувствува како Македонец) губи кредибилитет, а празнината ја пополнуваат ултра-леви (во форма на националсоцијализам) и ултра-десни (расистички и ксенофобични) движења. Не затоа што тие нудат решенија, туку затоа што барем звучат „искрено“ кога велат: „ова е фарса“. Затоа што – е фарса.

Македонија е посебен пример. Не само што е жртва на европските фарси, туку е и системски понижувана преку условувања што немаат врска со европски вредности. Прво беше името. Потоа историјата. Сега – идентитетот. Секој пат со нова формула, секој пат со нова уцена, секој пат со ново „европско ветување“ што никогаш не се остварува.

Наместо да се вадат чипови од машини за перење, можеби време е да се извадат политички чипови од главите на бирократите во Брисел. Лажење, двојни стандарди, бескрупулозни уцени – не смеат да бидат дел од демократија.

Ако Европа продолжи да се пере во празна машина – со банализирани наративи и аплауз за апсурди – ќе ја изгуби не само иднината, туку и довербата на оние што некогаш веруваа во неа.

Поврзани содржини