Пенов нема никаков аргумент
Патишта секако ни требаат ама, прво, како искусен политичар, Пенов мора да се праша - дали Македонија одеднаш може да си дозволи толку скап проект? Барем нему, мора да му биде јасно дека со 1,6 милијарди евра, од ракав истресени, државата незадржливо ита кон банкрот. На крајот, пак, не треба да има дилеми дека цената на проектот ќе биде многу повисока.
Во “Слободен печат“, од 23 мај 2023, беше објавен текст со наслов – “’Бехтел’ е гаранција дека нема корупција“. Се работеше за интервју на министерот Ристо Пенов, во емисијата “Утрински печат“ на “Слободна ТВ“. Со оглед дека, токму кај „Бехтел“, има многу индикатори за корупција на највисоко ниво, заради начинот на кој ги договараат зделките – најчесто тајно и директно во владите на земјите каде ќе работаат, вклучувајќи ги и тие во Македонија, и поразителните резултати во некои од нив, насловот и содржината на интервјуто се апсолутно неприфатливи. Реагирав до весникот, со текстот кој што следува. За жал, “Слободен печат“ не сметаше дека читателите треба да се запознаат и со другата страна на медалот. Со оглед дека темата е исклучително важна за сите нас, чинам дека е добро и приложеното мислење да стигне до јавноста.
* * *
Добро е што Ристо Пенов има политички амбиции ама, сепак, не треба да се меша во работи со коишто не е доволно запознаен. Неговата изјава за договорот со “Бехтел и Енка“, во најмала рака e – неодговорна. Патишта секако ни требаат ама, прво, како искусен политичар, Пенов мора да се праша – дали Македонија одеднаш може да си дозволи толку скап проект? Барем нему, мора да му биде јасно дека со 1,6 милијарди евра, од ракав истресени, државата незадржливо ита кон банкрот. На крајот, пак, не треба да има дилеми дека цената на проектот ќе биде многу повисока.
Второ, без никаков аргумент, Пенов тврди дека “Бехтел“ е гаранција дека во проектот нема да има корупција!? Од каде таква сигурност? “Бехтел“ не фигурира на ниту една берза, најверојатно за да нема контроли на неговите активности коишто, многу често, се промовирани од американската администрација. И Пенов ја спомнува аферата на “Маѓар телеком“, кога Њујоршката берза ги осуди нивните менаџери, заради корупцијата во Македонија, којашто ние ја забошотивме. Таква проверка за “Бехтел“ – нема.
Трето, можеби и најважно во случајов, е искуството, коешто со оваа фирма го имаат Романија, Албанија и Косово. Таму, тие или ги дуплираа првично договорените цени, или ништо не завршија а цената ја зголемија дури за шест пати!
Еве ги податоците коишто треба да ги знаат сите, особено и читателите на „Слободен печат“.
Во 2004 година, без тендер, како и кај нас, Романија потпиша договор со “Бехтел и Енка“ за изградба на Трансилванскиот автопат, во должина од 415 километри, за 2,2 милијарди евра (5,3 милиони за км). По 10 години, во 2013, Романија го раскина договорот. Биле изградени само 52 километри за цена од 1,52 милијарди евра. Од кои, добар дел, бил за пенали. Потоа, за делница од 60 километри, ангажирале нов изведувач кој ја изградил за 180 милиони евра. Или, по три милиони евра за километар, место речиси 30 илјади, колку што им наплатил “Бехтел“. Десет пати поскапо!
Овој случај е кусо спомнат и на веб страницата на “Бехтел“, со две измени – дека изградиле 54 километри и дека наплатиле 1,25 милијарди евра. Нека биде и така. Договориле 5,3 милиони, за 10 години изградиле само 54 км, место 415, ама цената пораснала на 23 милиони евра за километар.
Треба да си многу наивен за да веруваш дека во сето тоа немало сериозна корупција. Претешка.
Автопатите од Миљот во Албанија, до границата со Косово, и од таму до Приштина се посебна приказна. И двата без тендер, како кај нас, резултирале со повеќе од дуплирање на првично договорените цени. Во детална анализа на овие два проекти, работена шест месеци, агенцијата БИРН, го утврдила следното:
а) во 2006 година, делот во Албанија, од 60 километри, бил договорен за 418 милиони евра (6,97 милиони евра за км). Биле платени 950 милиони евра (15,83 милиони евра за км. Или, 2,2 пати повеќе од договореното).
б) договорот за делот од 77 км во Косово, бил потпишан во 2010, за 400 милиони евра (5,2 милиони евра за км). Биле платени 838 милиони евра (10,88 милиони евра за км. Два пати повеќе). Плус, државата платиле 128 милиони евра за експропријација;
в) аналитичарите на БИРН тврдат дека од Албанија и Косово, “Бехтел и Енка“ наплатиле вкупно две милијарди евра, или, за 137 километри, просечно по 14,60 милиони за км;
г) се инсистирало на брза трака во договарањето бидејќи, без тоа, цената ќе била за 75 милиони евра повисока од првичната (исто како што манипулираат и со нас!). А вкупно, повеќе од договореното наплатиле, барем, 950 милиони евра. Ех, да нѐ заштедела 75 милиони отпрвин, кај ќе им беше алот;
д) во Албанија и на Косово, “Бехтел и Енка“ биле ослободени од плаќање на ДДВ, во износ од милиони евра;
ѓ) за делот во Албанија, “Бехтел“ предвидел земјени работи од седум милиони тони. На крај, наплатиле 32 милиони тони;
е) следеле три истраги за корупција и злоупотреба на службена должност;
ж) “вклученоста во проектот од страна на САД, одело многу повеќе од лобирањето на амбасадите. Бил вклучен и поранеше министер за внатрешни работи“;
з) Светската банка и ММФ не ги одобрувале проектите, ама тоа го средувале американските службени лица;
и) Капусела, италијански дипломат, надлежен за Косово, оценил дека договорот меѓу “Бехтел“ и Косово достигнал ниво на “политички криминал“…
Има ли некаква логика Македонија да биде исклучок од оваа пљачкашка пракса на Бехтел? Впрочем, зошто е вклучен А. Груби, како продолжение на албанската врска на генералот Весли Кларк?
На крај, и за проектот во Србија, за кој Артан Груби измислува дека се гради под исти услови како кај нас. Тоа воопшто не е точно. Имало распишан тендер. Во 2019, по потпишувањето на договорот, го усвоила и Владата. Во прашање се 112 километри (колку и кај нас), цената е 745 милиони евра, или 6,65 милиони по километар. Има и КЛУЧНА клаузула дека додатните работи може да бидат максимално 20 проценти од договорената сума. Тоа значи дека Србија има гаранција дека цената не може да биде поголема од 894 милиони евра или 7,98 милиони по километар.
Теренот е тежок. Изведувачот ќе вградува и оптички кабел за 5Г технологија покрај патот како и систем за одбрана од поплави бидејќи се гради покрај реката Западна Морава. “Бехтел“ обезбедил и британски кредит, од 430 милиони евра. Се работи од почетокот на 2020 и сега е јасно дека рокот од четири години ќе биде сериозно пробиен.
Додека километар во Србија ќе чини најмногу 7,98 милиони евра, почетната цена кај нас е 12.0 милиони. Според начинот на кој е договарано, и според искуството од Албанија, Косово и Романија, не треба да има дилеми дека ние ќе платиме најмалку 20 милиони евра по километар. Можеби и 30 милиони. Неколку пати повеќе од Србија.
Договарањето и ангажирањето на Бехтел во Македонија е под неразумни услови. Од секој аспект. Во принцип, и за нас важи оценката на италијанскиот дипломат.