Пендаровски прво ќе го разгледува, па ќе одлучува дали ќе го потпише законот за попис – опозицијата достави 26 амандмани
Претседателот веќе изјави дека не гледа ништо спорно во предлогот на опозицијата да се обезбедат терминали за отпечатоци на прст за пописот доколку со тоа се даде поголема веродостојност на самата статистичка операција, но смета дека нема доволно време.
Претседателот Стево Пендаровски ќе одлучи дали ќе стави потпис на указот на законот за попис дури откако Собранието ќе го донесе законот и откако ќе ги разгледа решенијата кои ќе бидат понудени.
Ова сублимирано е одговорот за Плусинфо од Кабинетот на шефот на државата откако експратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, упати отворено писмо до Пендаровски да не го потпишува законот за попис ако тој не биде донесен со консензус.
– Законот за попис не е разгледан, ниту усвоен од Собранието. Кога во Кабинетот на претседсателот на државата Стево Пендаровски ќе стаса указот за потпишување на законот, претседателот ќе ги разгледа решенијата содржани во законот и за одлуката навремено ќе ја информира јавноста – велат за Плусинфо од Кабинетот на Пендаровски.
Димовски во отвореното писмо до Пендаровски бара конкретно дејствување од претседателот за законот за попис. Тој укажува на забелешките за законот за попис дека се носи со европско знаменце, односно по скратена постапка „која воопшто не дава платформа за суштински и сериозни измени во неговата содржина“. Димовски укажува и дека власта не е подготвена да го прифати барањето да се попишува само резидентното население и во процесот да бидат вградени бројни контролни механизми на градење доверба.
– Како Претседател на Република Македонија во рамки на своите надлежности Ве повикувам Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година да не го потпишете без претходно да направите консултации со лицата кои ќе го спроведуваат процесот (ДЗС), претставници од владејачкото мнозинство, претставници од опозицијата, но пред сѐ, луѓето кои биле дел од пописите одржани во минатото – вели Димовски.
Тој прашува и зошто е испуштена најобемната и според него најверодостојна база на податоци на резидентно население која ја има Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Пендаровски во интервју за Јавниот сервис синоќа изјави дека не гледа ништо спорно во предлогот на опозицијата да се обезбедат терминали за отпечатоци на прст за пописот доколку со тоа се даде поголема веродостојност на самата статистичка операција, но смета дека нема доволно време.
– Ако тоа е прифатливо за да имаме поголема валидност на тој попис, зошто да не, само се плашам, знаејќи ги нашите тендерски постапки, а имаме само три ипол месеци до практичното отпочнување, дека можеме да ги набавиме тие апаратчиња. Не гледам проблем во предлогот, туку во тајмингот – истакна Пендаровски.
За европското знаменце со кое е поднесен законот, Пендаровски вели дека не е важно дали законот има европско знаменце или не, најважна е политичката волја дали може сите да се усогласат што е витален државен интерес.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, информира дека поднеле 26 амандмани за законот за попис.
– Истите амандмани ќе ги аргументираме затоа што навистина се суштински и навистина се амандмани кои што би значело подобрување на самото законско решение и влевање на доверба во целото ова решение законско коешто се нуди сега. Со загриженост ги следиме настаните затоа што во јавноста се бара оправдување за да се избегнат некои од барањата кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ по однос на ова статистичка операција која што би требало да се направи. Значи избегнувањето на обезбедување на фингерпринт е навистина нешто што не дава сигурност во целата постапка. Образложенијата дека тоа е скапа операција и ќе треба време не држи затоа што таква одлука за набавка во државната изборна комисија за таква апаратура има, меѓутоа не се префрлени пари од буџетот во ДИК за тоа. Сметаме доколку навистина ова треба да го направиме како што треба да го направиме дека е многу лесно државата да префрли пари за да бидат обезбедени овие апарати за отисок од прст со што на многу лесен начин ќе успееме да резидентното население го одвоиме од државјаните во Република Македонија – рече Мицевски.
Тој додаде дека е симптоматичен барањето на врзан потпис на директорот и заменикот директор затоа што сепак тоа се политички фигури, едниот е поставен од страна на СДСМ, другиот од ДУИ и не ја гледа потребата за врзан потпис за нешто што би требало да значи обврска на директорот на институцијата и зошто за тоа би требало да даде поддршка и заменикот на истата таа институција.
И додека и денеска продолжија препукувањата помеѓу власта и опозицијата за законот за попис, вчера премиерот Зоран Заев изрази подготвеност во законот да биде вградено барањето на ВМРО-ДПМНЕ, пописот да се спроведе и со отпечаток од прст, за што информира дека веќе побарале 5 милони евра од донацијата од Швајцарската амбасада за избори да биде пренаменета за купување на 5.000 апарати или терминали. Во спротивно, премиерот рече дека државата нема предвидено пари во буџетот за такви апарати.
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски веќе изјави дека нема да го признаат пописот ако не биде спроведен со отпечаток од прст и побара државата да набави 10.000 терминали.