Пендаровски: ООН ќе биде ефикасна онолку колку што ќе и дозволат државите членки

227

Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото, но нашата Организација може да биде ефикасна онолку колку што државите членки ќе и дозволат, порача претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето на форумот на високо ниво „Иднината што ја сакаме, Обединетите нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“, што се одржа синоќа во Њујорк по повод 75-годишнината од формирањето на ОН.

– Во 1945-та народите се обединија околу визијата да ги поштедат идните поколенија од ужасот на војната. Тие ги поставија темелите на новиот меѓународен поредок што во својата основа го стави и човекот, а не само државите и нивните алијанси – истакна Пендаровски.






Тој потенцира дека во изминатите 75 години, Обединетите нации постигнаа многу и како камен темелник на меѓународното право и мултилатералниот систем, Организацијата ги обврзува своите членки да ги надминуваат споровите на мирен начин и да соработуваат за одржување на мирот и безбедноста.

– Обединетите нации превенираа бројни конфликти и ги ублажија последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнаа на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Во изминатите децении милиони луѓе беа извлечени од екстремна сиромаштија и заштитени од насилство – додаде Пендаровски.

Шефот на македонската држава истакна дека преку Универзалната декларација, меѓународните пактови и конвенции, Обединетите нации го поттикнаа глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост и ја зајакнаа отпорноста кон катастрофи и го мобилизираа светот во борбата со климатските промени.

– Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе и дозволат – потенцира Пендаровски.

Поврзани содржини