Пендаровски прогласи нова вонредна состојба за уште 30 дена
Тој повика релевантните политички фактори јавно да го кажат својот став за ова прашање бидејќи во мај повторно ќе се соочат со истата ситуација.
Согласно напрaвените проценки јасно е дека е потребно повторно прогласување на вонредна состојба. Одлуката ќе ја донесам согласно моите уставни надлежности и ќе трае во следните 30 дена, рече претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата на Советот за Безбедност.
Тој рече дека сака да се осврне на правните дилеми кои излегоа во јавноста.
– Јано е дека уставотворецот нема предвидено ваква ситуација, Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонредната состојба. Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив не побарал апанажа што значи дека тие се со валиден мандат, јас ја преземам одговорноста оти имаме ситиуација без преседан кога е најважно да ги сочуваме здравјето и животите на луѓето. Постојната вонредна состојба истекува денеска и нема да биде формално-правно продолжена оти за тоа нема уставен основ. Затоа, денеска ќе донесам нова одлука за прогласување на вонредна состојба во траење од 30 дена на целата територија на државата – рече Пендаровски.
Тој повика релевантните политички фактори јавно да го кажат својот став за ова прашање бидејќи во мај повторно ќе се соочат со истата ситуација.
Пендаровски не се согласува со претседателот на Собранието Талат Џафери дека не може да се свика Собранието. Тој наведе дека има три начини да се свика Собранието.
– Може претседателот на државата да побара да се свика Собранието, може владата, а третиот начин е на предлог на 20 пратеници – рече претседателот Пендаровски. Тој практично ги повика пратениците да закажат седница бидејќи како што рече Џафери не би ги прифатил барањата од него или од владата.