ПЕНДАРОВСКИ ЌЕ ГИ ПРИМИ МАКЕДОНЦИТЕ ОД БУГАРИЈА Деталите за средбата уште се договараат
„Претседателот даде согласност дека ќе ги прими претставниците на ОМО „Илинден Пирин“. Кога ќе се утврди датумот на средбата, јавноста ќе биде известена“, одговорија од кабинетот на Пендаровски.
Претседателот Стево Пендаровски се согласил да оствари средба со Македонците од здружението ОМО „Илинден Пирин“ од Бугарија, чија долгогодишна битка за основни граѓански права кај нашиот источен сосед уште трае. Деталите за средбата уште не се познати, пишува СДК.мк.
„Претседателот даде согласност дека ќе ги прими претставниците на ОМО „Илинден Пирин“. Кога ќе се утврди датумот на средбата, јавноста ќе биде известена“, одговорија од кабинетот на Пендаровски.
ОМО „Илинден Пирин“ досега добиле 11 предмети за кршење на нивните човекови права во меѓународниот суд во Стразбур, а уште 5 предмети добиле и „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија“ и други подносители. Првата пресуда била добиена уште во 2001 година. До ден-денес бугарските власти не спровеле ниедна од одлуките на судот, кој нема авторизација да ја присили Бугарија да го стори тоа.
Бугарската држава неколку пати одбила да го регистрира „Македонскиот клуб во Бугарија“ под изговор дека тоа е противуставно и дека ваквите организации се „насочени против унитарноста на бугарската нација и исто така, биле политички по природа и затоа клубот требало да се регистрира како политичка партија“.
Од друга страна, судот во Стразбур пресуди дека е прекршен членот 11 од Кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, со тоа што не била дозволена регистрација на здружението. Исто така, ѝ наложи на Бугарија во рок од три месеци да им исплати на оштетените 7.500 евра. Членот 11 од Конвенцијата вели дека секој има право на слобода да се здружува со други.
Во пресудата немаше обврска и наложување од Судот во Стразбур ова здружение задолжително да се регистрира во Бугарија. Регистрацијата и натаму останува на волјата на тамошните власти.
Токму за ова одговараше на новинарски прашања претседателот на Европскиот суд за човекови права и слободи Роберт Спано, кој на петти ноември беше во Скопје. Според него, секоја земја членка на Советот на Европа е обврзана да ги спроведува пресудите на судот, но тие како суд не се извршно тело и немаат овластување да го следат спроведувањето на своите одлуки.