ПЕНДАРОВСКИ ДО СУДИИТЕ И ДО ОБВИНИТЕЛИТЕ: Изгубена верба во правдата е изгубена довербата во државата

447

За правдата не се доволни само законите, политичките одлуки и институции. За правда е потребна промена на свеста. Затоа, сите ние, политичари, судии, обвинители, правобранители мора да се согласиме околу една работа, а тоа е дека не смее да се тргува со правдата. Ако една генерација ја изгуби вербата во правдата, таа ја изгубила довербата во државата, порача претседателот Стево Пендаровски на одбележувањето на 15-годишнината од формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Тој нагласи дека за судството да биде заштитено од потенцијални политички и економски влијанија, независноста треба да биде не само формално-правна, туку функционална и финансиска.






– Мора да се вложува во квалитетни кадри кои непристрасно, професионално и ефикасно ќе ја извршуваат функцијата. Назначувањето и унапредувањето на судиите и обвинителите мора да биде целосно деполитизирано и да се врши според транспарентни процедури и објективни критериуми, втемелени врз системот на заслуги. Токму во тоа ја гледам улогата на Академијата за судии и јавни обвинители која има клучна улога во процесот на подготовка и континуирано професионално усовршување на судско-обвинителските кадри – рече шефот на државата во поздравното обраќање.

Освен обуката, посочи тој, Академијата истовремено придонесува и за градење на културата на отпорност кон корупција, политички влијанија и злоупотреба на судската и обвинителска функција.

-Најважната задача на оваа институција е да избере поединци со морален компас, со висок личен и професионален интегритет и чувство на одговорност, кои ќе бидат целосно посветени на правото и правдата. Од издржаноста на нивните пресуди ќе зависи дали македонските граѓани ќе веруваат дека правдата е можна – истакна ѓефот на државата.

Во овие три децении, како што истакна Пендаровски, во македонското правосудство имало бројни судии и обвинители кои совесно и професионално си ја извршувале својата функција.

– Меѓутоа, истражувањата на јавното мислење покажуваат дека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на исклучително ниско ниво. Тоа го потврдуваат и бројни извештаи на релевантни домашни и меѓународни институции. Не е мал бројот на граѓани кои во изминативе три децении се соочиле со неправедни пресуди или со одложена правда. Еден од последните примери за тоа се и семејствата на жртвите од автобуската несреќа во Ласкарци, кои се уште ја чекаат правдата. Ваквата правна неизвесност е една од причините за заминување на нашите граѓани во земјите со поразвиена култура на почитување на законите – прецизира Пендаровски.

Од повеќето фактори за оваа состојба, како што истакна тој, два се издвојуваат според својата релевантност.

– Првиот фактор се инстанците на политичко влијание во процесите за назначување и унапредување на судии и обвинители. А, вториот фактор се корупцијата и криминалот кои, тргувајќи со правдата, de facto ја поништуваат еднаквоста на луѓето пред законите. Сето ова, ја еродира надежта дека кај нас може да има ефективна правда. А надежта е она што не одржува и придвижува кон развиениот свет. Ако сакаме нашите млади да останат во својата земја и во неа да живеат, работат и да создаваат иднина, мора да им обезбедиме правда – рече Пендаровски.

Поврзани содржини