Пендаровски: Делото на Конески е на удар во повторното негирање на македонскиот јазик
Претседателот смета дека поради тоа најголем удар има врз кодификаторот на современиот македоснки јазик, Блаже Конески.
Како еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, академик Блаже Конески заслужува најголема почит и благодарност. Заслужува, еден век од неговото раѓање, 2021-вата да биде година во негова чест.
Ова го истакнува претседателот Стево Пендаровски во обраќањето преку видео-порака на отворањето на Зимската школа на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, литература и култура, којашто започнува денеска и е првата активност за одбележување на овој голем јубилеј.
– Во период кога, за жал, од политички причини, повторно се негира постоењето на македонскиот јазик, иако тој е одамна верификуван од светската лингвистичка наука, токму делото на Конески е најмногу на удар. Во таа смисла, еден од најцврстите бедеми во одбраната од неаргументираните и често ирационални напади е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој зад себе има веќе пет и пол децениска традиција со повеќе од петстотини учесници од шеесетина земји од сите меридијани на светот – рече Пендаровски.
Впрочем, како што посочува, 2021-та ја прогласивме за година во чест на Блаже Конески и сите релевантни институции од областа на културата, науката и образованието ќе бидат вклучени во реализација на активности и проекти поврзани со оваа значајна годишнина.
Изразувајќи благодарност до сите учесници, Пендаровски рече дека тие придонесуваат за меѓународна афирмација на македонскиот јазик, литература и култура.
– Се радувам што токму преку првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во чии рамки е и Филолошкиот факултет кој го носи името на Блаже Конески, практично прв започнува со активности за одбележување на големиот јубилеј – рече Пендаровски.