ПЕКОЛНИ ПЕТОК И САБОТА, ТЕМПЕРАТУРАТА ДО 43 СТЕПЕНИ По жешкото доаѓа невреме со пороен дожд и грмежи
Синоптичарите предупредуваат на екстремен топлотен бран кој ќе го достигне својот врв во петок и сабота, по што следува промена на времето со дожд и грмежи.
Продолжува периодот на исклучително високи температури низ целата земја, при што синоптичарите најавуваат врв на топлотниот бран во петок и сабота, кога максималните температури може да достигнат дури и до 43 степени Целзиусови.
Според прогнозите, времето денеска ќе биде претежно сончево и многу топло, со слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Максималната температура ќе се движи во интервал од 35 до 42 степени, а слични временски услови се очекуваат и во Скопје.
Од недела се очекува промена на временската состојба, со појава на локална нестабилност, пороен дожд и громови, што ќе придонесе и за опаѓање на температурите.
Поради екстремните температури, Владата излезе со итни препораки за заштита на населението, додека од Министерството за здравство упатуваат апел граѓаните строго да се придржуваат до мерките за самозаштита, кои вклучуваат:
– Престој во разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
– Внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалаци;
– Носење лесна, светла и широка облека;
– Користење заштита за глава и очи;
– Избегнување физичка активност во најтоплите часови од денот.
Надлежните институции најавуваат дека будно ја следат состојбата, а службите за итна помош и здравствените установи се во засилен режим на работа поради зголемениот број интервенции поврзани со топлотниот бран.